И покрај апелот на Министерството за транспорт и врски граѓаните да се воздржат од купување авиобилети за патување во странство, авиокомпаниите кои летаат од македонските аеродроми веќе продаваат карти за најголем број од дестинациите до кои се лета од Скопје и Охрид. На веб-страниците на некои авиокомпании може да резервира билет за летови што би се реализира и на почетокот на мај, додека најголем дел од дестинациите се очекува да продолжат нормално да се одржуваат во јуни.
„Со оглед на настанатата состојба со вирусот Ковид-19, во овој момент не може да се предвиди кога повторно ќе се воспостави и нормализира авионскиот сообраќај за превоз на патници. Се до донесувањето на нова Одлука од страна на Владата на Република Северна Македонија, апелираме до сите граѓани да се воздржат од резервации на билети, се со цел дополнително да не се изложуваат на финансиски трошоци“, велат од Министерството за транспорт и врски.
И покрај ваквиот апел, авиокомпаниите продаваат авиобилети за дестинациите што се опслужуваат од македонските аеродроми.
„Визер“ продава билети за летови за периодот по 17 мај, кои за некои дестинации се нудат и по цена од само 609 денари во еден правец. „Кроација ерлајнс“ продава авиобилети од Скопје за Загреб за летови по 1 јуни. „Ер Србија“ нуди авионски билети од Скопје за Белград за летови, за коишто смета дека ќе можат да се организираат по 9 мај. Авиобилети од Скопје за Виена преку интернет-страницата на „Остриан ерлајнс“ можат да се набават за периодот по 21 мај.
И додека авиокомпаниите се обидуваат час поскоро да почнат повторно со летови до и од аеродромите, голема недоумица за нив е новиот пакет правила за летање што ЕК треба да го донесе во мај, со кој ќе се бара социјално дистанцирање на аеродромите и во авионите. Овие правила ќе имаат големо влијание и врз дестинациите што се опслужуваат од македонските аеродроми, бидејќи правилата ќе важат за сите земји-членки на ЕУ.
Владата порачува: Граѓаните да се воздржат од резервации за авиобилети, на сила сѐ уште важи Одлуката за затворање на аеродромите