Европската комисија бара продолжување на забраната за влез во ЕУ поради пандемијата на коронавирус за уште еден месец. Образложение - ситуацијата е сѐуште нестабилна.
Европската комисија денеска на земјите-членки на Европската унија им предложи задржување во сила на ограничувањата за патувања кои не се итно потребни до 15 јуни. Од аспект на ЕК, прво би требало да бидат укинати контролите на внатрешните граници во ЕУ, пред да се пристапи кон олабавување на ограничувањата за патување во ЕУ. Не е исклучено потоа да следи уште едно продолжение.
Ограничувањата за патување во ЕУ беа воведени на средината на март, а потоа следеше нивно пролонгирање до 15 мај. Тие не се однесуваат на граѓани на ЕУ и странци кои постојано живеат во некоја од државите на ЕУ. Од забраната за влез во ЕУ се исклучени и медицински персонал, експерти потребни во сузбивањето на пандемијата на коронавирус, како и вработените во транспортната бранша и сезонските работници.