Рускиот претседател Владимир Путин вчера соопшти дека режимот на неработни денови, кој беше воведен за да се сузбие коронавирусот во Русија, завршува денес.
Обраќајќи се пред граѓаните, Путин изјави дека е усвоен нов пакет на мерки за поддршка на економијата и граѓаните.
Неработните денови завршуваат, но борбата со коронавирусот се уште трае, истакна Путин.
Сите преземени мери овозможуваат постепено укинување на ограничувањата. Но, не во исто време, туку чекор по чекор. Од 12 мај потребно е, таму каде што е можно, да се обезбеди непречено функционирање на клучните економски сектори – енергетика, комуникации, земјоделство, индустрија и градежништво, рече претседателот, додавајќи дека мора да се почитуваат безбедносните мерки.
Тој додаде дека коронавирусот остави силни последици во многу индустриски гранки и дека стандардот на многу граѓани е значително опаднат, пренесува Спутник.
Затоа, донесен е нов пакет мерки за поддршка на економијата и граѓаните.
Како што рече Путин, крајот на епидемијата на коронавирусот ќе биде бавен и потребно е да се почитуваат санитарните мерки.
Бројот на пациенти не смее повторно да се зголемува, истакна рускиот лидер и додаде дека сите масовни манифестации ќе бидат забранети, како и досега. За лицата над 65-годишна возраст и оние кои имаат хроночни заболувања, режимот продолжува да трае.
Успеавме да спасиме илјадници животи во Русија, рече тој.
Според Путин, потенцијалната опасност лежи во бројот на заразени лица кои не се откриени. Тој истакан дека е неопходно ефикасно да се регистрираат сите скриени форми на вирусот.
Претседателот на Русија зборуваше и за бројот на тестови што се прават во РУсија и додаде дека до средината на мај бројот на тестови практично ќе биде удвоен и ќе изнесува 300.000 на ден.