Платежните картички од третиот сет економски мерки на владата ќе ги издаваат комерцијалните банки, дознава Алсат од свои извори. Ниту една банка нема да биде исклучена од процесот, туку сите банки ќе имаат обврска да ги издаваат. Нашите извори велат дека ќе се изработуваат нови персонализирани картички кои ќе се користат само за специфични услуги. Банкарите засега воздржани од изјави, и не сакаат да ги потврдат овие информации.
Во документите до кои дојде Алсат пишува дека со новите картички граѓаните ќе може да плаќаат струја, вода и други комуналии. На овие картички граѓаните во иднина ќе може да примаат социјална помош, субвенции или слични примања од државата. Со картичките нема да може да се вади готовина од банкоматите.
„Картичките ќе бидат брендирани со различни дизајни и насочени кон националната економија. Ќе може да се користат во маркети за домашни производи, во угостителските објекти, во фризерници и во сите услужни дејности. Ќе бидат бесконтактни и ќе може да се користат за онлајн нарачки од домашни е-трговци за домашни производи и услуги.“
ПРОЧИТАЈТЕ ПОВЕЌЕ: Државата ќе дели при пејд платежни ваучери на граѓаните во вредност од 9.000 денари - Еве кој се ќе биде опфатен
Според информациите ваков тип платежни картички ќе добијат околу 120 илјади граѓани кои се невработени или заработуваат како хонорарци. Но нивните месечни приходи не надминуваат 15 илјади денари. За оваа група граѓани веќе се обезбедени 18 милиони евра.
Ваучери се планирани и за туристички услуги. Ќе ги добијат 120 илјади граѓани. За оваа категорија ќе можат да аплицираат и вработени со плата до 16 илјади денари. Буџетот за оваа мерка е исто 18 милиони евра. Ќе се делат и ваучери од 100 евра за средношколци и за студенти, а ќе добијат и плус платежна картичка со по 50 евра. Во остатокот на мерките има поддршка и за индустријата 25 милиони евра и картички за земјоделците со кои ќе набавуваат нафта за машините и возилата. Третиот сет економски мерки ќе чини над 350 милиони евра.