Мајките кои се на породилно отсуство треба да бидат спокојни - се додека траат времените мерки тие не мора да се вратат на работа.
За да се обезбеди заштита и грижа за децата, Владата донесе Уредба со законска сила за примена на Законот за работните односи (“Сл. весник на РСМ” бр. 90), во која со членот 4 е предвидено надоместокот на плата за отсуство од работа на работничка поради бременост, раѓање и родителство и посвојување, да продолжи да се исплаќа до истекот на траењето на времените мерки за заштита од ширење и превенција од коронавирусот КОВИД-19.
Остварувањето на правото на надоместокот се врши преку Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија.
Одлуката за времетраењето и завршувањето на времените мерки ја носи Владата на Република Македонија, по заклучоци од Главен координативен кризен штаб кој одлучува според препораките на Комисијата за заразни болести.