Европската комисија препорача нов минималец во Хрватска
Никој во Хрватска не смее да заработи помалку од 4.425 куни (585 евра) бруто за полно работно време, според иницијативата на Европската комисија.
Имено, Европската комисија ја иницираше втората фаза на консултации со европските синдикати и здруженијата на работодавачи за тоа како да се обезбедат фер минимални плати за сите работници во Европската унија.
Оваа година, минимумот се движи од најнискиот бруто износ од 312 евра во Бугарија до седум пати повисоки (2.142 евра) во најбогатиот Луксембург.
Висината на минималната плата е пропишана со закон во 21 земја-членка, меѓу нив и Хрватска, каде минималната плата е 546 евра бруто, а во шест земји-членки е договорена со колективни договори.
Европските синдикати веќе побараа минималната плата да не биде под 60 проценти од просечната плата во земјата и дека би било идеално доколку се зголеми на 60 проценти од просечната плата, пишува Вечерњи лист.
Според овој критериум, хрватската бруто-минимална плата би била 363 куни повисока од сегашната 4.062 куна бруто, а кога станува збор за нето-сумата, разликата би била околу 250 куни, па наместо 3,250 најмалку платените работници би заработувале околу 3.500 куни (463 евра), пишува хрватскиот весник .