Сместувачките капацитети, хотели, вили, апартмани и слични објекти кои се дел од туристичкиот бизнис ќе треба до крајот на месецов да се регистрираат и категоризираат доколку сакаат и кај нив да се користат ваучерите од државата. Тоа треба да го сторат на платформата на Министерството за економија. Рокот е краток, но надлежните уверуваат дека службите ќе бидат ажурни, а хотелиерите најавуваат пониски цени на аранжманите.
„Ќе може да се најде ноќевање и појадок за околу 18 евра, зборуваме за капацитети со четири ѕвездички, а ако се оди со три ѕвезди ќе биде и поевтино. Можно е и за 15 евра а има и приватни сместувања ќе се најдат и за десетина и за 12 евра по вечер.“, изјави Крсте Блажески претседател на ХОТАМ.
Според планот, 117 илјади граѓани се веќе на листите на Владата кои ги исполниле условите и кои ќе добијат ваучер од шест илјади денари за домашен туризам и платежна картичка со три илјади денари за во ресторан или за купување македонски производи во маркетите.