ЈСП Скопје, воведува бесплатен превоз на патници на автобуската линија број 28 (Транспортен Центар – Нерези/Македонско село). Превозот ќе биде бесплатен со цел промовирање на градските историско-културни знаменитости. Бесплатниот превоз ќе важи за деновите од викендот (сабота и недела) и во денови на државен празник.
Откако лани во ноември се воведе забраната за движење на возила до Средно Водно, а пред еден месец на паркингот се дозволи паркирање но со наплата од 100 денари час, граѓаните се паркираат во Нерези.
Од Град Скопје велат дека со оваа одлука ќе ги стимулираат граѓаните да не одат со возила и додаваат дека работат на воведување на систем за наплата и на паркингот кај „Македонско село“, кој е сопственост на Македонската православна црква.
Град Скопје во ноември лани воведе две нови бесплатни линии 25А и 25Б до Средно Водно, за да се намали бројот на возила кои се движат на Водно.
Истовремено, донесена е одлука автобуските линии со број 25А (Автомакедонија – Средно Водно) и број 25Б (Дом на печат – Средно Водно) да станат дел од редовниот линиски превоз, покрај линијата 25 (Транспортен центар-Средно Водно) која веќе извесен период е редовна автобуска линија. Во изминатиов период 25А и 25Б функционираа како пробни линии. Превозот на посочените линии како и досега ќе биде бесплатен за време на викенд (сабота и недела) и државен празник.
Одлуките стануваат важечки од претстојниов викенд.
„Ве информираме дека потребата за воведување на бесплатен превоз на претходно посочените линии е инициран од Град Скопје, по предлог на голем број на граѓани, пред се од еколошки аспект и ставање во контролирано и регулирано движење до Средно Водно и подрачјето на Нерези (Македонско село).
Сметаме дека посочените поволности за бесплатен превоз ќе ги поттикнат граѓаните да ги остават своите возила и да го користат јавниот автобуски превоз за време на викенди (сабота и недела) и државни празници, а со тоа ќе се придонесе за зачувување на природните убавини кои ги има планината Водно и подрачјето на Нерези. Оваа Одлука пред се има за цел заштита на природните убавини, поголем и почист простор за одмор, спорт и рекреација“, велат од таму.
извор: faktor.mk