Од утре целосно се отвораат сите гранични премини во државата со што македонските државјани и странците ќе можат непречено да се движат без обврска за ПСР тест и државен карантин.
Одлуката ја донесе Владата во вторникот врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести, Владата на истата седница донесе одлука од 1 јули да бидат отворени за сообраќај и Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле" во Охрид.
Премиерот Оливер Спасовски вчера потврди дека оворањето на границите не е никаква политичка одлука донесена во корелација со изборите, туку се темели исклучиво на епидемиолошките анализи и мислењето од Комисијата за заразни болести. На прес-конференцијата во Владата, порача дека мора да се научиме да живееме со вирусот, а тоа значи да се почитуваат препораките за носење на лична заштитна опрема, држење на дистанца и честа дезинфекција.
– Отворањето на границите го најавуваме веќе подолго време зависно од анализите што ги прави Комисијата за заразни болести, а тие пред се, се темелат на тоа каква епидемиолошка слика имаме кај нас, во регионот и во поширокото опкружување. Европската унија ги отвори границите за државите членки на ЕУ, а од 1 јули се најавува и кон трети земји каде ќе бидат и државите од целиот наш регион така што ние мора да се научиме дека треба да живееме со вирусот, рече Спасовски, одговорајќи на новинарско прашање.
Според него, крупните рестриктивни мерки го дале својот максимум, а она што сега останува е преку личната одговорност да се придонесе колку е можно повеќе да се држи вирусот под контрола.
Вработуваме низ цела Македонија: АПЛИЦИРАЈТЕ на некој од отворените огласи!
Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека отворањето на границите не е некој значаен ризик за зголемување на бројот на новодијагностицирани случаи затоа што локалната трансмисија е најголемиот ризик,. Според него, отворањето на границите со воспоставената контрола на аеродромите и начинот на анкетирање на патници на влез во државата, нема ризик за зголемување на бројот на дијагностицирани пациенти.
-Како што е познато на почетокот на кризата имавме случаеви кои дојдоа од странство, но тие беа ризик за мал број контакти во нивната непосредна околина. Доколку се почитуваат превентивните мерки тогаш овој ризик практично се сведува на минимум. Неможе ниту една држава од светот да живее сама во себе затворена со затворени граници. Сметам дека отворањето на границите со контролата што ја имаме, односно термалните камери на аеродромите и начинот на анкетирање на патници на влез во државата, сметам дека нема ризик за зголемување на бројот на дијагностицирани пациенти, посочи министерот Филипче.
Со одлуката за целосно отворање на границите на земјава македонските државјани ќе можат слободно да патуваат вон границите без обврска за негативен ПСР тест за коронавирус и задолжителен 14-дневен карантин при враќање во земјава. Сепак, со иклучок на Србија, Албанија, Косово и Турција, оваа обврска останува за влез во некои земји во регионот и во ЕУ-членките. За патување во Бугарија и Грција како земји членки на ЕУ важат насокоите дадени од ЕК за отворање на границите од 1 јули, годинава. Оваа одлука членките на Унијата треба повторно да ја разгледаат утре поради растот на бројот на заболени од коронавирусот во земјите во регионов.
Во меѓувреме, Словенија и Хрватска најавија можност за заострување на граничниот режим и повторно враќање на обврската за двонеделен карантин за лицата кои доаѓаат од Србија, БиХ, Црна Гора,Албанија, Северна Македонија и Косово имајќи ја предвид епидемиолошката слика во овие земји. Бугарија, пак, ја продолжи вонредната состојба во земјата до 15 јули поради новиот бран на заразени со коронавирусот. /МИА