АКО ПАТУВАТЕ ВО ГРЦИЈА: Moра да пополните „формулар за лоцирање на патници“
Луѓето кои од 1 јули планираат да патуваат во Грција, ќе мораат да пополнат таканаречен „формулар за лоцирање на патници“, односно „Passenger Locator Form“ (PLF), објавија грчките власти.
Се работи за специјален образец, достапен на специјалниот вебсајт travel.gov.gr, кој задолжително ќе треба да го пополни секој патник, и тоа најмалку 48 часа пред пристигнувањето во земјата.
Доколку планирате да посетите повеќе локации во земјата, ќе треба и тоа да го наведете.
Во PLF формуларот, патниците ќе треба да ги наведат личните податоци, но и детални информации за нивната посета на Грција – почнувајќи од локацијата на поаѓање, преку времетраењето на претходните престои во други земји, па до траењето на престојот и адресата на која планирате да престојувате додека сте во Грција.
Формуларот, во електронска или испечатена верзија, ќе мора да го прикаже секој.
Согласно наведените податоци во PLF формуларот, ќе добиете соодветен единствен баркод (QR), согласно кој, при влез во земјата (на граничниот премин, на аеродромот или на пристаништето) ќе се врши селекција на патниците и истите ќе бидат упатени на скрининг (тестирање) или ќе им биде дозволено да го продолжат патувањето и ќе добијат соодветни упатства.
Оние што ќе бидат упатени на скрининг, ќе треба да останат на наведената крајна адреса во Грција во самоизолација сѐ до пристигнувањето на резултатите од тестирањето.
Во Грција се регистрирани 3.336 позитивни, а починаа 191 заразен.