Студиите во САД покажуваат дека работниците со ниски плати, финансиски ранливи дури и пред пандемијата со коронавирус, се соочуваат со поголем ризик од губење на работни места отколку подобро платените, кои се вработени во канцеларии.
Шоковите предизвикани од пандемијата не поштедија никого, но не платија сите иста цена. Канцелариските работници кои можеа да работат од дома, генерално беа во можност да ја задржат својата работа, додека голем дел од оние што мораа да бидат на работното место да ги завршат своите работи, беа меѓу десетици милиони Американци кои ги загубија своите работни места со воведувањето на карантински мерки низ целата земја, пренесува Reuters.
Економистите од Универзитетот во Чикаго, Џонатан Дингел и Брент Неиман направиле истражување колку работи може да се работат од дома.
Нивната анализа била појдовна точка за други двајца економисти на истиот универзитет, Симон Монгеи и Александер Веинберг кои истражувале кои работрници ќе бидат најпогодени.
Откриле дека 37% од работните места во Соединетите држави можат едноставно да се завршат од дома. Овие работни места обично се подобро платени од оние што не можат да се работат од дома и сочинуваат 46% од вкупните плати во Соединетите држави. Овие се повеќето канцелариски работни места, како што се оние во финансии, корпоративно управување и професионални и научни услуги.
Останатите 63% од работните места не можат да се работат од дома, како што се оние во земјоделството, градежништвото, подготовката на храна, производството и транспортот. Овие работни места обично се пониски платени и вработените мора да бидат на одредено место.