Шведскиот пристап против коронавирусот не успеа и тоа што сите се надеваа дека стекнувањето колективен имунитет ќе го запре вирусот, како и она што го направија очигледно не функционира, заклучуваат 25 шведски лекари и научници, пренесува USA Today.
“Во Шведска оваа стратегија доведе до смрт, тага, а над сè нема назнаки дека националната економија помина подобро од другите земји. Во овој момент, на остатокот од светот му дадовме пример како не треба да се борат со смртоносна заразна болест. Се надеваме дека наскоро ќе биде откриена вакцина, а до тогаш држете растојание и не ја применувајте шведската стратегија“, порачуваат тамошните научници.
Шведска го привлече вниманието на светската јавноста поради релаксираниот пристап во борбата против овој вирус, отфрлајќи ги вонредните рестриктивни мерки и самоиницијативното ограничување и употреба на маски.
Некои други земји, коишто на почетокот на користеа оваа стратегија, се откажаа од истата, бидејќи бројот на смртни случаи почна да расте, но Шведска остана верна на својот модел, а се поставува прашањето зошто?
За стекнување колективен имунитет потребно е поголем дел од популацијата, посебно младите луѓе да бидат заразени. Ова, сепак не била официјална цел на Шведската агенција за јавно здравје, но јавно е изнесен официјален став дека овој вид на имунитет може да помогне во спречување на ширење на болеста, така да укажува на тоа дека тоа била целта што сакала агенцијата да ја постигне.
Уште еден доказ е тоа што агенцијата инсистира на задолжително одење во училиште на децата од пониските одделенија. Од оваа здравствена установа и понатаму нема препорака за носење маски во јавност и покрај доказите за нивната ефикасност, пишува USA Today.
Без оглед на тоа дали колективниот имунитет е цел или нус појава на шведската стратегија, остануваат лошите резултати. Проценките се дека помалку од 10% од Швеѓаните имаат антитела на коронавирусот, така што идејата за такво стекнување на имунитет не е успешна.
Во Шведска бројот на починати е поголем одошто во Америка, бидејќи таму на 20-ти јули се забележани 556 смртни случаи на милион жители, а во САД 425. Во Шведска, исто така, има четири пати повеќе смртни случаи одошто во сите нордиски земји заедно.