Римската болница Спаланзани денеска започна со тестирање на вакцини против коронавирус врз луѓе. Производството може да започне на пролет ако тестот се покаже како успешен.
Вакцината ќе биде дадена на 90 лица избрани од три илјади волонтери кои се пријавиле за тестирање, јавува словенечката агенција СТА.
Првиот учесник на тестот веќе примил доза на вакцината во болница специјализирана за заразни болести. Сите учесници ќе добијат по 700 евра за учество во тестирањето.
„Умот и науката на нашата земја работат на борбата против ковид-19“, рече италијанскиот министер за здравство Роберто Сперанза, пренесува италијанската агенција Анса.
Вакцината е развиена во Италија од страна на ReiTHera, со седиште во Кастеломано во близина на Рим, во соработка со минхенската компанија Leukocare и Univercells со седиште во Брисел.
Според првичните истражувања, вакцината го стимулира развојот на антитела и активноста на клетките на имунолошкиот систем. Осум милиони евра се издвоени за развој на вакцината.
„Ние сме заинтересирани вакцината да биде ефективна. Ако се оди според планот, се надеваме дека производството ќе започне напролет“, рече директорот на болницата Франческо Ваја.
„Првиот волонтер што ја прими вакцината утрово, ќе го надгледува тим лекари четири часа, потоа ќе се врати дома и ќе биде набљудуван 12 недели“, објасни Ваја, додавајќи дека следните двајца волонтери ќе ја примат вакцината во среда, пишува Анса.
Втората и третата фаза на тестирање, најверојатно, ќе се спроведат во Јужна Америка каде вирусот се шири брзо, додаде директорот Спаланзани.