Забраната за влез во Грција за државјани на трети земји, како и привремените ограничувања на копнените граници со Северна Македонија, Албанија и Турција, од денеска се продолжени за уште две седмици, односно до 15 септември 2020 година, согласно двете министерски одлуки објавени во Службен весник на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Новото продолжување на постоечките мерки го најави владиниот портпарол Стелиос Пецас во четвртокот одговарајќи на прашањето на МИА, а официјално ги соопшти заменик министерот за цивилна заштита на Грција, Никос Хардаљас на редовната прес конференција во петокот.
Станува збор за двете министерски одлуки, кои во текот на летото се продолжуваа на секои две седмици.
Во однос на копнените граници, ограничувањата, “од превентивни причини за заштита на јавното здравје од дополнително ширење на коронавирусот Ковид-19 на грчка територија“ се за временскиот период од први до 15 септември 2020 година и се однесуваат на патните и железничките поврзувања на Грција со Северна Македонија, Албанија и Турција.
За туристите и странските државјани за кои не постои забрана, дозволен е влез само преку Бугарија, односно преку граничниот премин Промахонас (Кулата) и само со негативен молекуларен тест за Ковид-19 направен 72 часа пред пристигнувањето.