Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија повторно ги повикува сите надлежни во државата, како што велат, да се одважат и да не го одзeмаат основното право на плата од работниците кои се заболени или пак се во изолација поради пандемијата со Ковид – 19.
-Изминатава недела слушнавме неколку меѓусебни обвинувања помеѓу синдикат и невладини организации, кој бил виновен што се скрати правото на 100 проценти исплата на боледувањата на работниците кои се во изолација или пак се заболени од Ковид – 19. Жално е што вниманието на јавноста некој се обидува да го сврти кон тоа дали да се исплаќа во јавен или приватен сектор. Господа ова право важи за сите работници и во јавен и воприватен сектор. Но, мораме да напоменеме дека носење измени со заклучоци, акти или слично од страна на Владата не може да го укине или отстрани нашето право кое ни припаѓа согласно Законот за безбедност и здравје при работа. Напоменуваме ЗАКОН, а Владата од најразлични причини сака да го суспендира Законот со заклучок. Не господа, Закон може да измени само законодавниот дом, а тоа е Собранието, се вели во денешното соопштение од КСС.
Оттаму потенцираат дека согласно Законот за безбедност и здравје при работа и согласно правилникот за биолошки штетности кога се појавува нова штетност, каде што и коронавирусот е запишан како таков во согласност со европските директиви, треба да се направи ажурирана проценка на ризик на работно место и да се изготви нова изјава за безбедност, согласно именуваниот Закон за БЗР. Законот во член 11, потенцираат, е јасен и сето ова го објаснува, но исто така е јасен дека ова е повреда на работно место.
-Затоа прашуваме и посочуваме дека работодавачот е должен да ги заштити работниците согласно Законот за БЗР, а дали тоа го сторил? – Секое заболување на работно место од Ковид-19 се смета за повреда на работното место и се исплаќа 100 проценти боледување. Инспекторатот за труд е одговорен сето ова да го следи, да го констатира и да ги заштити правата на работниците. Но, очигледно и таму каде што пријавуваме немаме конкретни одговори, велат од КСС.
Од овој синдикат го повикуваат премиерот да ја прекине, како што посочуваат, оваа конфузија и ограничување и во соработка со стручни и компетенти лица и организација да стави крај на оваа нелегална битка на одредени структури кои се во обид да ги скратат правата на работникот. А правото на плата, да потсетиме, велат, е уставна категорија и да стави крај на уништувањето на работникот со некакви уредби и заклучоци со кои се суспендира Закон, на штета на и онака сиромашниот работник, кој погоден од оваа зараза не може да си дозволи квалитетно и целосно лекување, почнувајќи од правото на тестирање за кое преку матичен лекар се чека со денови, па се до цената на лекарствата кои се потребни за лекување.
-КСС останува доследен на бранењето на работничките права и во текот на оваа пандемија и многу пати досега го докажа тоа, без разлика дали тоа му се допаѓа на некого или не. КСС ги повикува сите организации кои се борат за работничките права да не подлегнуваат на манипулации од одредени структури кои од најразлични лични интереси се обидуваат да подметнат нелогичности, се вели во соопштението.
Од КСС сметаат дека е време да се покаже солидарност и како што велат, да се стави крај на сите тие што злоупотребуваат за личен профит и интерес. Правото на плата, велат, е право запишано во Уставот и најавуваат искористување на сите легални и радикални мерки за негово остварување.
Извор: Сител