Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер ги повика компаниите да ја зголемат работата од дома за да се борат против Ковид-19, додека земјата се подготвува за ново заострување на ограничувањата во обид да се потисне вирусот.
„Треба да ги намалиме контактите во светот на работата – што е попотребно од кога било“, рече Штајнмаер за време на состанокот со неговите колеги социјалдемократи во Берлин.
„Не е секогаш идеално, но сигурно заштитува од инфекции“, рече тој, повикувајќи ги компаниите да им дозволат на своите вработени да работат од далечина.
Скоро 25 проценти од германските вработени, или 10 милиони луѓе, работат исклучиво од дома, според студијата на синдикатот на интернет-компаниите „Битком“, објавена во декември, а властите сакаат да го зголемат тој број, бидејќи здравствената криза не се смирува.
„Секоја компанија, секоја администрација треба да провери дали е можно да се работи уште далечински“, рече портпаролот на германската канцеларка Ангела Меркел, Штефан Зајберт.
Германија премина два милиони случаи на заразени од почетокот на пандемијата, со повеќе од 22.000 новозаразени на ден, додека повеќе од 46.000 луѓе починаа како резултат на коронавирусот.
На состанокот на раководството на нејзината конзервативна Демохристијанска унија (ЦДУ), канцеларката Меркел оцени дека вирусот не може да се спречи без построги мерки, изјави за Франс Прес извор кој беше на тој состанок.
Дневните весници „Шпигел“ и „Билд“ изјавија дека се разгледува повторното воведување на граничната контрола како минатата пролет, како и општото носење маски, задолжителното работење на далечина и запирањето на јавниот превоз. Сепак, засега, ова се само претпоставки и за мерките сè уште не се разговарало со шефовите на германските држави.
Германија, која има 83 милиони жители, започна со вакцинација против Ковид-19 на крајот на декември, а досега надмина еден процент од населението што ја примило првата вакцина.