Челичарница во Белгија по грешка им исплатила на дел од работниците огромен бонус, а сега ги бара парите назад
На група вработени во таа фабрика викендот им почнал одлично кога на своите сметки им легнал бонус од 30.000 евра.
Но, како што повеќето од нив се посомневале, станувало збор за грешка. Бонусот што требало да го добијат изнесувал само 100 евра, објавија белгиските медиуми. Сепак, оние кои решиле да ја занемарат сомничавоста почнале да ги трошат парите – враќале долгови, а некои отишле да се коцкаат.
Меѓутоа, сега компанијата од Шарлероа си ги бара парите назад. Не е познато точно колку работници од вкупно 230-те вработени во челичарницата го добиле непредвидениот бонус. Просечната плата во компанијата изнесува околу 1.600 евра месечно.
– Бев шокиран кога видов колку пари имам на сметката, изјавил работник кој инсистирал да остане анонимен.
– Веднаш ми беше јасно дека се работи за грешка и не ги допрев тие пари. Подигнав само онолку колку што знам дека ми е платата, рекол тој и додал дека некои од неговите колеги отишле во казино со парите, а други пак отплатиле долгови.