Обединетите Арапски Емирати соопштија дека ќе започнат со доделување државјанство на одредени категории странци кои придонесуваат за развој и просперитет на земјата, објави на „Twitter“ премиерот на ОАЕ и емир на Дубаи, шеикот Мохамед бин Рашид Ал Мактум.
„Донесовме промена во законот за да можеме да им доделиме државјанство на Обединетите Арапски Емирати на инвеститори и талентирани луѓе како што се научници, лекари, инженери, уметници, писатели и нивните семејства“, рече шеикот Мохамед.
Промената во законот на ОАЕ предвидува странците кои ќе добијат државјанство на ОАЕ да можат да го задржат државјанството на нивната земја на потекло.
Одлуката на властите на ОАЕ има за цел да додели државјанство на луѓе кои придонесуваат за развој на земјата, нагласи владата на ОАЕ во соопштението на „Twitter“.
Законодавната промена во ОАЕ е редок пример за либерализација на правилата за доделување државјанство на арапските монархии во регионот на Заливот.
Населението на Обединетите Арапски Емирати се состои главно од странци, забележува АФП.