Вака некако ќе ја почнеме приказната за семејниот бизнис на семејството Митрови од с. Мрзенци и нивниот ресторан ЈАВОР АГАПИ- а разговорот го водиме со Билјана Митрова помладата ќерка од семејството Митрови
Приказната за ресторанот започнува по идеја на главата на семејството Перо Митров, кој живеејќи тешко и сиромашно детство на свои 16 години одлучува да почне да се занимава со угостителство а на 27 Јуни 1984 потрагата по подобар живот го натерала заедно со својот партнер да го отворат и првиот ресторан. Перо важи за еден од најстарите угостители во Македонија со работно искуство преку 45 год, голем гурман, хуман човек, со многу пријатели кои што ги стекнал за време на неговата работа но и квалитет за кој се зборува со децении.
Од самиот почеток во 1984 година па се до денес брендот претрпел неколку промени, од партнерски односи, до нова локација, ребрендирање и унапредување на понудата но она што секогаш им останало на ум и кое не смееле да го сменат е уникатниот вкус на печеното јагнешко по кое се препознаени на целиот Балкан. Па така ако се спомене Јагнешко се знае – Јагнешкото во Мрзенци и тоа во Јавор-Агапи!
Првото прашање ни е за името. А Билјана вели дека откако во 2000 година самостојно започнале да го водат ресторанот, името ЈАВОР - АГАПИ само се наметнало..
-Мислам дека не би можеле да му дадеме поубаво име на нашиот ресторан вели Билјана. Има многу љубов и убавина во тие две зборчиња. Првото зборче всушност го означува нашиот почеток односно нашите први чекори кои што ги направивме тргнувајќи од едно старо дрво Јавор. Додека Агапи само по себе значи љубов и доаѓа од грчкиот јазик, така се вика и мајка ми Агапи, така се викала и нејзината баба. Немаме потекло од Грција ама ете името некако се протнало и останало кај нас. Добро позната е изреката дека позади секој успешен маж стои и успешна жена. Па така од почит спрема столбот на нашата фамилија одлучивме на зборчето Јавор да му додадеме многу љубов и се роди името Јавор Агапи.
Следуваше прашањето како се дошло до идеја јагнешкото да биде специјалитет на куќата а Билјана вели дека се било случајна но изгледа судбинска средба...
-Еден ден влегувајќи во една месара, татко ми Перо здогледал туку што донесено свежо јагнешко месо. Го земал. Од кујнски прибор имал црвена метална тепсија, малку излупена, бр. 40. Во неа собирало два јагнешки бута и плешка и пол јагнешко. Како што милува да каже дека тој си прави муабет со месото така и по некоја своја водена логика, желба и дарба за додавање зачини, подесување на време и температура за печење успеал да создаде производ што се прави веќе 37 години.
И токму толку години во овој специјалитет ужива цел Балкан а и пошироко. Гости во Јавор Агапи има од сите страни сите со свој темперамент и со свој белег на посетата:
-За време на летната сезона 95% од гостите ни се од соседна Србија. Тие обожаваат јагнешко печење, голем патлиџан и овчо сирење.
Се случува уште не започнати со работа да почнат да се паркираат и да прашуваат кога ќе отвориме и само Србин може да нарача јагнешко печење во 8 часот наутро и откако ќе се најадат обавезно зимаат јагнешко печење за носење да изненадат некои од пријателите. Тоа е традиција која што трае со години, едноставно им сме место за одмор, за вкусен ручек, за средба со пријателите.
Билјана вели дека на темперамент слични се гостите од Грција а тие најмногу пак сакаат да јадат јагнешки котлети или пајдаки. Домашните гости додава Билјана чувствувајќи како да се дома, со големо задоволство ги нарачуваат и ги јадат нашите плескавици кои што се од 100% телешко месо и се големи колку фамилијарни пици
Имаме и доста гости и од Косово, Турција, Хрватска, Словенија, Црна Гора, Романија итн. Списокот е навистина долг. Сите гости ни се подеднакво драги и добредојдени и зрачат секој со свој шарм и харизма и се трудиме да се прилагодиме на нивните потреби и барања. А она што не поврзува е тоа дека Готвиме од нашата фамилија за нивната - Заклучува Билјана.
Тоа е она што се гледа во јавноста а во позадина се крие многу љубов посветеност на брендот, внимание, напорна работа, редовен надзор,анализа на желбите и потребите на гостите, посветеност на изборот на производите и подготвеност да одговорите на предизвиците и да се прлагодите на промените. Па прашавме како се гради еден успешен бренд во угостителскиот бизнис:
Градење на еден успешен бренд и опстојување на истиот е процес што бара сериозна посветеност и способност да се одговори на сите предизвици- Вели Билјана. Тоа е процес на создавање на слика и порака која што комуницира со потрошувачите во вид на производ а тој производ мора да понуди квалитет. За да се одговори на секој предизвик мора да се поседува квалитет. Препознатливи сме по јагнешкото печење кое што го набавуваме веќе 30 год од исто место и кое што и до ден денес функционира исклучиво за нас, органскиот јабучар што се одгледува специјално за потребите на двата ресторана, вкусната скара која што секогаш е свежа и набавена од месари со сопствено производство. Кај нас е се во знакот на домашно и свежо. Јагнешкото со години се набавува од исто место, овчото сирење го набавуваме од фамилии кои имаат свои бачила...Квалитетот е тој што не задржа толку долго во угостителскиот бизнис.
Но, додава Билјана, уште еден главен фактор покрај квалитетната понуда е и квалитетната услуга која пак значи соодветен избор на персонал. Освен вкусната храна која што ја негуваме, потребно е стратегија за долгорочни планови , неопходно е да се вработат и соодветните луѓе кои што ќе умеат да ја пренесат вашата визија и да дадат свој придонес во претставувањето на целокупниот производ.
Во времето кога почнувавме интернетот и сите тие алатки, што сега ни се лесно достапни , тогаш ги немавме, не можевме да ставиме слика од јагнешко печење и да се чекираме во Јавор Агапи Мрзенци. Сега е многу полесно да стапиме во директен контакт со нашите гости и да комуницираме со нив, полесен е начинот на соопштување дека создавате нешто што е вредно за внимание. Значи целокупниот процес од стекнување своја клиентела, комуникација, задоволување на вкусовите, маркетинг, внимателна селекција на сите намирници, вработување на соодветен персонал, одржување на долгогодишниот квалитет, организација за да се хранат голем број луѓе истовремено се предизвици кои бараат макотрпна борба впрочем тие се и најтешките предизвици и воопшто не се лесни.
Слободно можам да кажам дека ако станете некогаш успешни, тоа ќе биде најтешката работа што ќе ја направите во животот.
Семејниот бизнис на Митрови се состои всушност од два ресторани едниот во Скопје Меана Б Јавор и овој во Мрзенци Јавор Агапи, во Мрзенци целокупната грижа е на женскиот дел од семејството таа, сестра и Марија и мајка и Агапи па прашавме како се снаоѓаат жените во машкиот бизнис?
-Уфф... хахах ние сме класичен пример за тоа дека жените владеат со светот. Низ историјата наназад сме сведоци на многу примери каде што жените успеале да ја променат историјата и да ги поместат општествените норми на цели нации и биле подобри владетели и од мажите. Па така и ние успеавме да докажеме дека и жените можат да се занимаваат со угостителство и да бидат успешни. Низ годините сме биле одбрани да бидеме домаќини на многу претставници од дипломатските кругови. Во 2019 на наше огромно задоволство имавме чест да го угостиме со јагнешко печење претседателот на Големото национално собрание на Република Турција, г-дин Мустафа Шентоп. Ова беше голем настан за нас и за цела општина Гевгелија бидејќи прв пат се случува да бидеме посетени од толку висока странска делегација. На наше задоволство и на нивно големо изненадување дека позади цела таа организација, навремена и брза услуга за 150 луѓе стојат жени најпрво збунето не гледаа со неверување а потоа се заблагодарија за цел наш труд и не штедеа на пофални зборови за храната и целокупниот третман. Со оглед на тоа што нашиот ресторан е место каде што царуваат жените верувајте дека ги поместивме границите и бариерите на невозможното во нашето општество.
Билјана инаку по професија е филолог по италијански јазик и магистер по маркетинг менаџмент, но вели дека угостителскиот бизнис секогаш и бил при срце иако имала обиди да работи нешто сосема друго-
-По иницијатива на татко ми дека угостителскиот бизнис не е за жени, почнав да работам друго. Во текот на моите магистерски студии и изработувањето на мојата магистерска теза на тема: Брендирање на региони и производи во Република Македонија, комплетно се внесов во изготвување на магистерскиот труд и бидејќи темата е поврзана до некаде и со нашиот семеен бизнис и негување на традицијата јас решив сериозно да се посветам на нашиот семеен бизнис. Наидов на недоразбирање од страна на татко ми, но, кога денес ги слуша сите пофалби и е сведок на тоа како ресторанот од година во година расте, се развива и дава се подобри резултати, ја прифати реалноста дека и жена може успешно да води ресторан. На изненадување на сите успеав да носам гости во ресторанот дури од Јужна Кореја, се надевам после пандемијата соработката и натаму ќе продолжи. Останатите групи што се трудев да ги договорам и донесам се буквално од целиот Балкан. Со многу од нив сум се уште во контакт. Се родија многу нови пријателства. Одлично владеам странски јазици и така комуникацијата ми е многу лесна со сите нив. Секако во ова не сум сама, голема помош и поддршка имам од мајка ми која заедно живее и работи со мене. Татко ми е задолжен за ресторанот во Скопје, секако голема помош и поддршка има од нас фамилијата. Супер соработуваме, носиме одлуки што се корисни за нашите ресторани, внимаваме на квалитетот и можам да кажам дека храната е идентична во двата ресторана и се трудиме да ја запазиме долгогодишната традиција. Со оглед на тоа што ги надминав неговите очекувања во однос на работата, и секојдневно го изненадувам со некои мои работни достигнувања за време на пандемија, моите работни ангажмани во иднина ќе се зголемат и ќе бидам задолжена и за ресторанот во Скопје.
Билјана додава дека всушност ова што го работи и е остварување на детскиот сон бидеќи како мала постојано била зафатена со „два телефона“ играјќи ја улогата на презафатена бизнисменка, па за тоа денес имајќи ги двата телефони ( службениот и приватниот) во раце порачува: Внимавајте што ќе посакате може да ви се оствари!
А за остварување на соништата вели Билјана првата работа е да сонувате но онаа најважната е да работите постојано на “сонот“...
-Со оглед на тоа што потекнувам од семејство каде што основна, единствена и примарна дејност е угостителството кој опстојува веќе 37 години,ќе кажам дека освен квалитетот како основа за успешен бизнис, тоа е всушност и начин на живот, секојдневие, воздухот кој го дишеш.Овој бизнис бара многу посветеност, душа на добар и љубезен домаќин, но и организираност и дисциплина на војник. Угостителството не е нешто што се случува еднаш и потоа си седиш и уживаш. Тоа расте и се развива заедно со нас во текот на годините. Кој пат ќе го одбереме во животот и како ќе се развиваме ние како индивидуи така ќе расте и ќе се развива нашиот бизнис. Ние сме тие кој му даваме живот, љубов и страст на она што го работиме. Никој не е добар во се, но секој е добар во нешто. Кога страста и желбата ќе се спојат со тоа нешто, навистина е возможно да се остане на нозе и да се води успешна приказна.
Ја прашавме и дали има порака за младите кои ако сакаат да почнат сопствена приказна а обично тоа го прават со отварање на угостителски објект-
-Што се однесува до младите, поголем дел од нив угостителството го сфаќаат како еден вид забава и од самиот почеток веќе имаат перцепција за самите себе дека се големи газди. Но, реалноста е сосема различна и затоа честопати се случува да затворат набрзо. За да се биде газда првенствено треба да си многу вреден работник. Треба добро да ја познаваш работата. Пример, за јас да барам квалитет од мојот персонал, најпрво треба јас да знам како да дојдам до посакуваниот квалитет за да можам да го барам истото и од нив. Кога младите би го смениле пристапот и начинот на создавање на една успешна приказна каде што они активно би се вклучиле во тој процес на создавање и градење без откажување на првата пречка и потешкотија тогаш би имале големи шанси да направат некоја промена. Угостителството е уметност а уметниците сме ние што ја создаваме таа уметност. Како ќе го насликаме платното и кои бои ќе ги одбереме зависи од нас. Би им препорачала на помладите кои што се гледат во иднина во овој бизнис да се потрудат да ја оживеат и насликаат секоја идеја и љубов за да дојдат до финансиски успех.
А на крајот заклучокот што е доброто а кои се предизвиците во семејниот Бизнис?
-Семејниот бизнис е склоп на различни таленти кои што ги поседуваат членовите на семејството. Во семејниот бизнис имаш голема одговорност од причина што треба секогаш да внимаваш на односите со семејството дома и односите со семејството на работното место. Само по себе, семејниот бизнис го сплотува семејството и зрачи со посебна топлина. Би сакала да ги охрабрам сите кои се во можност да создадат сопствен семеен бизнис да го сторат тоа. Многу семејни компании се стожер на стопанството во нашата земја. Сведоци сме на многу семејни бизниси што од мали семејни компании прераснуваат во сериозни бизниси. Да се биде дел од тој столб што претставува двигател на економијата и да се придонесува за подобро утре на генерациите што доаѓаат воопшто не е мала работа. Одговорноста е многу голема, предизвиците да се одговори професионално и навремено на работните задачи бара знаење и капацитет. Па така во семејните бизниси имате голема шанса за напредување, усовршување, едуцирање и професионално надградување.
И тука некаде го завршуваме интервјуто со покана до вас да ги посетите еден од двата ресторани и да пробате од нивните специјалитети.Освен јагнешкото печено и јагнешките котлети тука е и сармата која Билјана лично ја подготвува со многу љубов и внимание, со истата љубов и сама го негува патлиџанот јабучар за кого точно знае кога е за на трпеза а кога треба да се пушти да созрее уште малку. Од неодамна ресторанот е и со проширена понуда и на рибни специјалитети лаврак, туна стек, сабјарка и крап а спремни се да одговорат и на барања надвор од менито.
Затоа што Билјана сестра и Марија и мајка им Агапи знаат дека ништо не ги поврзува луѓето толку силно како добрата храна!