Регистрирањето подружница во Северна Македонија во февруари е првиот чекор од нашата активност во земјата, одговорија од „Лидл“ – Бугарија на прашањето од InStore какви се нивните планови за влезот на германскиот малопродажен гигант кај нас и каде ќе им бидат лоцирани продавниците.
Ние сме во почетна фаза на долгорочен процес и во оваа фаза не можеме да дадеме дополнителни детали, одговорија од „Лидл“ – Бугарија за InStore, додавајќи дека не можат да ги откријат потенцијалните локации или датуми на отворање.
Бугарските менаџери засега не даваат повеќе детали, и покрај информациите дека веќе разговараат со градоначалници за можни локации. Сепак, според информации на kurir.mk, нивни читатели им испратиле фотографија од брендиран автомобил на „Лидл“ каде, покрај логото на трговецот, се наведени градовите Штип, Тетово, Скопје и Охрид.
Во таа насока одат и активностите на бугарската подружница за кои досега знаеме, но и информациите од терен – се шпекулира дека првиот маркет ќе биде во Охрид.
Впрочем, градоначалникот на Штип, Сашко Николов, за штипската телевизија ТВ Стар потврди дека веќе разговарал со претставници на компанијата. Тие побарале локација на 10.000 квадратни метри и тој вели дека веднаш им обезбедил две такви.
Барањето кое тие го испорачаа на средбата со повеќе градоначалници од овој регион е дека им е потребна локација од 10.000 метри квадрати на територија на градот Штип. Ние обезбедивме две такви локации и ги пуштивме во Влада по што ќе се носи и одлука за избор, рече Николов за ТВ Стар.
Тој за телевизијата изјави дека Лидл има план за поширока соработка во која се опфатени сите големи општини во државата, но и дел од средните општини во кои спаѓа и Штип.
Според досега познатите податоци, подружницата под називот „Лидл Северна Македонија Дооел“ е основана со паричен влог од 500.000 евра.
Новата компанија ќе биде управувана од Софија, од бизнисмените Милена Драгијска, Бисер Борисов Инчовски и Љубомир Манолов Хрсев.
Тие се управители во компанијата во Бугарија. Според описот на нивните надлежности и ограничувања, „Лидл“ планира да вложи над 10 милиони евра во продавница и да купи земјиште поголемо од 10.000 квадратни метри.