Вистински хаос се случува во последниве две недели на граничниот премин Богородица- Евзони со соседна Грција. Транспортери со полни цистерни нафта и останата стока голем дел од денот се заглавени на граничниот премин. Тоа се должи на мерката која е на сила во Грција, и предвидува тестирање на секој професионален возач на влез во државата. Но дополнителен проблем предизвикува и скратеното работно време кое е од 06.00 до 18. 00 часот, и тоа на единствениот граничен премин со Грција. Според информациите до кои дојде Денар оваа мерка на сила ќе биде до 22 март.
Најголем проблем според информациите од терен се во среда и четврток бидејќи тие денови има наплив на возила, а особено транспортери со нафта, и тогаш се прават километарски колони на граничниот премин. Според информациите од Здружението на транспортери Макам-транс, превозниците на нафтени деривати имаат намален обрт на работа за 50 отсто, во однос на тоа дека претходно едно возило можело да оди до Солун да натовари, да се врати во Скопје да ја истовари стоката и повторно да се врати во грчикот град. Сега превозниците велат дека тоа не е можно. Дополнително напоменуваат транспортерите дека доколку не се стасаат во Солун до 11 часот да земат бројче за товарење на стока од рафинеријата, возилото останува заглавено и тоа може да се направи следниот ден. Доколку оваа мерка во Грција се пролонгира и не запре на 22ри овој месец какви што се информациите, во прашање може да биде доведена и залихата на нафта и нафтени деривати во Македонија.
„Кај останатите стоки за широка потрошувачка е воочен намален обрт од 30-50%. Зголемени се трошоците за вршење на превоз на сите превозници, поради долго задржување на граничниот премин, меѓутоа и поради промена на рутата на возилата, при секоја можност превозниците возилата ги упатуваат кон Промахона (Бугарија-Грција) со цел избегнување на колоните на Евзони затоа што тој премин работи 24/7 и тестови се прават по случаен избор, а не на сите возачи кои го поминуваат. Дополнителен проблем е добивањето на QR код, кој е задолжителен за сите за влез во Грција, ако претходно превозниците од еден профил можеа да аплицираат за QR код за секое возило кое го поседуваат сега веќе мора да отвораат профили за секој возач за да може да го пријават, во спротивно нема да може да го добијат кодот, а како дополнителен проблем е и тоа што ако возилото има двојна посада може да се даде одобрение за еден, а не и за вториот возач. Ова дополнително ги оптеретува превозниците со поголем број на возила од административен аспект“, велат за Денар од Макам-транс.
Целиот текст прочитајте го на denar.mk