Според последните податоци на ССМ потрошувачката кошница за месец февруари изнесува 33. 702 денари. Ова покажува дека на едно четири члено семејство со две минималнни плати му недотасувале повеќе од 50-тина евра за да ги покрие основните трошоци за живот.
Првиот човек на Сојузот на синдикати Дарко Димовски вели дека во изминатиов период на македонскиот работник само за лекување поради заболување од Ковид 19 или поради изолација, месечните трошоци за витамини и лекарства му се зголемиле за најмалку 6.000 денари, а паралелно покачени се и цените на производите кои се неопходни за едно четиричлено семејство. Поради тоа, вели дека зголемувањето на минималната плата за нешто над 400 денари во март, нема да биде доволно. Според пресметките на ССМ, минималецот во земјва во овој момент не смее да биде помал од 16 илјади денари.
-Од овие причини апелираме минималецот да се зголеми во висина од 60 проценти од просечната плата и истата да не изнесува помалку од 16. 976 денари. Дополнително потсетуваме дека зголемувањето на минималецот треба да значи и спирално зголемување на останатите плати во сите сектори и дејности и потсетуваме дека не е законски работодавачи да исплаќаат минимална плата, доколку работникот има минат труд, работи прекувремено, за празници или во смени, изјави Дарко Димовски претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.
Димовски вели дека ова прашање било отворено и на економско- социјалниот совет. Дебатата ќе продолжи и следната недела поради тоа што ССМ има сериозни забелешки околу начинот на пресметка и усогласувањето на минималната плата.
Минатата недела властите посочија дека со зголемувањето на минималецот, месецов тој ќе изнесува 15, 400 денари. Зголемувањето се должи на усогласувањето и порастот на просечната плата како и порастот на трошоците.
На едно домаќинство во месецот му се потребни:
За храна и пијалоци 14 .078 денари,
За домување 10.825 денари,
За хигиена 2.371 денар
За превоз 2.498 денари
За облека и обувки 2.131 денари
Култура 1.067 денари
За одржување на здравје 728 денари
Спреред податоците на ССМ околу 100 илјади работници во земјава работат за минимална плата.
Извор: https://denar.mk/