Литар безоловен бензин и дизел за само 39 денари – толку би чинело горивото на бензинските пумпи ако од малопродажната цена се одбие делот кој оди за државата во форма на разни давачки, даноци и акцизи и остане само производствената цена и трговската маржа.
Нафтените деривати се користени од голем дел од населението и стопанството на директен или индиректен начин па токму затоа и претставуваат одличен извор на полнење на државната каса.
Во Република Македонија цената на нафтените деривати не се одредува на пазарот туку неа ја одредува Регулаторната комисија за енергетика на секои две недели. Како два главни фактори кои влијаат на цената се движењето на девизниот курс на доларот во однос на македонскиот денар и цената на суровата нафта на светските берзи.
Основа за формирање на цената што ја плаќаме кога точиме гориво на бензинска пумпа, е рафинериската цена, која се одредува според методологијата пропишана со Анекс Д од Договорот за купопродажба на акции и за концесија на Рафинерија АД „Окта“ Скопје, потпишан меѓу Владата на Република Македонија и акционерското друштво „ЕЛ.П.Е.Т. – Балканики” како стратешки инвеститор, кое е во сопственост на грчки „Хеленик петролеум“.
Извор: Фактор.мк