Комисијата за заразни болести денеска ќе одржи редовен состанок. На овој состанок ќе се дискутира за актуелната состојба со коронавирусот.
По завршувањето на состанокот на Комисијата за заразни болести ќе се знае дали до Владата ќе бидат препорачани построги мерки
Минатата недела министерот за здравство Венко Филипче најави можно заострување на мерките доколку бројките се во пораст, а како следни можни рестрикции ги најави зголемувањето на полицискиот час и скратувањето на работното време на угостителските објекти. Но, по анализа на состојбата Комисијата предложи само да продолжи траењето на полицискиот час од 22 до 05 часот до шести април оти важноста му истекуваше на 22 март. Владата оваа мерка ја усвои во понеделникот. Построги рестрикции не беа предложени, а министерот Филипче во петокот минатата недела рече дека сегашниот полициски час дава резултати, очекува бројките да се намалуваат и извести дека дневната бројка на новозаболени за петокот е под 1000. Во петокот, мината недела, беа регистрирани 999 новозаболени.
Од тогаш бројките се во пораст. Во вторникот, оваа недела, беа регистрирани најголем број смртни случаи во овој, трет, бран кога за 24 часа починаа триесетмина, а вчера, пак, беа регистрирани рекорден број новозаболени во овој бран, 1347.
Инаку, според здравствените власти државата моментално се наоѓа во третиот бран од коронавирус, а пикот веќе од следните недели ќе започне да се намалува.