Да стануваш рано наутро, да се спремаш, да трчаш, да менуваш автобуси, да одиш на работа, да седиш во канцеларија со еден куп колеги, сите со различни карактери (а со една иста цел), да имаш шеф над глава, а уште полошо газда, веќе сето тоа полека, но сигурно станува минато, особено кога се младите во прашање.
Фриленсерството сѐ повеќе станува избор во Македонија. Убава и платена работа во Македонија ќе најдеш само ако имаш добри врски или ако си член на некоја политичка партија која во моментов е на власт, во спротивно или ќе си без работа, или ќе работиш било што ќе најдеш, или ќе бидеш платено мизерно, а може и да се случи воопшто и да не добиеш плата.
Барајќи нешто подобро, младите се одлучуваат да работат од дома, да бидат фриленсери.
Оваа работа, како и секоја друга, бара многу труд, исполнителност и, пред сѐ, самомотивација. Колку повеќе работиш, толку повеќе ќе заработиш. Па така, колку ќе ти биде платата, зависи од самиот тебе. Некои се платени од час, а некои имаат фиксна плата, или фиксен проект.
Скопјанецот Филип веќе три години работи како фриленсер. Тој е графички дизајнер. Вели дека е потребен многу труд, но дека парите се секогаш мотивација.
- Некој работам и по 15 часа на ден, а некогаш и не работам со денови. Сега за сега не сум во план да ја менувам оваа работа. Работам од дома од кревет, за плата која некогаш достигнува и повеќе од 2.000 долари. Не би ја менувал оваа работа за ништо, раскажува Филип.
И Емилија исто така работи како фриленсер. Таа работи како преведувач.
- Јас сум задоволна премногу. Платена сум од текст. Никаде во Македонија нема да можам да земам плата од околу 800 долари. И кога надвор има дожд и снег и ветер и сонце, јас сум дома. Убаво ми е вака, вели таа.