Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) испрати иницијатива до Уставниот суд за утврдување на законитоста и уставноста на точка 408 од Правилникот за професионални заболувања (Сл. Весник РСМ бр. 118/20).
Здружението бара од Уставниот суд да ја поништи оваа дискриминирачка одредба и да се донесе нова одредба со која секој работник кој работи на работни места, каде во согласност со Законот за Безбедност и здавје на работа е утврдено постоење на зголемен ризик за заразување со САРС-КоВ-2 вирусот и/или појава на болеста Ковид-19, во случај на инфекција или заболување, да може да ги оствари своите уставно загарантирани права за безбедна работа и еднаквост.
„Целосно поддржуваме лекарите и целиот медицински персонал, како и ветеринарскиот и друг помошен персонал и во иднина да ги остваруваат своите права при заболување од Ковид-19 како професионална болест, како што е сега утврдено“, нагласуваат од МЗЗПР. Но, многу е важно конечно да бидат прифатени предложените измени со цел обезбедување на уставно загарантираните права на сите работници, односно признавање на Ковид-19 како професионално заболување за секој работник во земјата. На овој начин секој вработен, наместо досегашните 70% ќе оствари право на боледување со надомест во висина од 100% од својата плата. Ваквиот пристап е многу важен, особено во време кога се бориме за зачувување на секое работно место и егзистенција за секој граѓанин“, истакна Милан Петковски, претседател на МЗЗПР.
МЗЗПР во својата иницијативата до Уставен суд истакнува и дека сите останатите професии, кои се на првиот фронт на одговор во текот на целата оваа пандемиска криза (полициски службеници, припадници на Армијата, вработените во детските градинки и образованието, вработените во домовите за грижа на стари лица, службеници на шалтери, работници во малопродажба итн.) се изоставени од оваа одредба, со што се врши нивна дискриминација и им се оневозможува користење на нивните права како работници.
Истовремено, следејќи ги актуелните законски одредби од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, МЗЗПР покрена и иницијатива за признавање на инфекцијата со САРС-КоВ-2 вирус и/или појавата на акутна болест Ковид-19 кај секој работник кој работи на работно место со зголемен ризик за инфекцијата и/или заболување, истото по автоматизам и веднаш да биде регистрирано како несреќа на работа.
Регистрацијата на инфекцијата и/или болеста Ковид-19 како несреќа на работа, овозможува во понатамошниот период, доколку дојде до трајно влошување на здравствената состојба со последици по работна способност (пост-ковид, долготраен ковид и други форми на трајни здравствени последици), работникот да може, без други законски, административни и стручни проблеми, да го остварува правото на професионална болест, онака како што е тоа утврдено во Законот за пензиско и инвалидско осигурување и изменетиот Правилник за Листата на професионални болести.
„Следејќи ги законските одредби и практиката во областа на безбедноста и здравјето на работа кај нас, неопходно е час поскоро да се направи (пре)оценка на ризикот на работните места и во Изјавата за безбедност на работодавачот да се дефинираат оние, каде постои зголемен ризик за инфекција со новата биолошка штетност САРС-КоВ-2 вирусот и појава на Ковид-19. Тоа произлегува и од директивата на ЕУ од јуни месец минатата година, како и од препораките и политиките на Меѓународната организација на трудот, Светската здравствена организација и Европскиот центар за контрола на заразните болести.
Истовремено, работниците по прележаниот Ковид-19, веднаш по нивното враќање на работното место, неопходно е да бидат упатени на насочени медицински прегледи, а при тоа да биде (пре)оценета нивната работна способност по болеста. Ова е исклучително важно да се направи индивидуално, за секој работник посебно, особено доколку кај него се јавиле одредени ограничувања поради кои не е во состојба да ги исполнува работните задачи на работното место каде бил распореден пред заболувањата. Првенствена цел на оваа мерка е да се заштити здравјето и психо-физичкиот интегритетот, но и социјалната сигурност на секој претходно заболен работник.
Потсетуваме, дека за оваа цел веќе ја изработивме првата национална методологија за проценка на ризик и утврдување на ковид-возраст кај професионално експонираните работници. Како алатка за пресметка на оваа т.н. ковид-возраст во јавна употреба веќе е пуштен и ковид-калкулатор“, посочува претседателот на МЗЗПР, Милан Петковски.
Инаку, првата ваква иницијатива МЗЗПР до Владата и другите надлежни институции ја даде уште на 14.5.2020 година. До сега, поддршка на оваа иницијатива дадоа и Конфедерацијата на Слободни Синдикати, Сојузот на Синдикати на Македонија, Здруженија на граѓани од областа на трудовото право, како и лекарите по медицина на труд и бојни инженери, стручни лица за безбедност при работа.
извор: biznisvesti.mk