Македонската амбасада во Тирана преку објава на Фејсбук информира дека нема ограничувања за влез, излез, транзит или престој за македонските државјани кои патуваат во Република Албанија или имаат намера да го користат аеродромот во Тирана.
-Албанија нема ограничување за влез, излез, транзит или престој за македонските државјани на нејзина територија. Единствено ограничување во Република Албанија е забраната за движење од 20:00 до 06:00 часот. Движењето во овој временски период е со претходно одобрение, стои во објавата на Амбасадата.
Дополнително, се даваат инструкции за оние кои го користат меѓународниот аеродром во Тирана.
-Државјаните на Република Северна Македонија кои го користат Меѓународниот аеродром во Тирана за патување во трета земја, треба претходно да ги исполнат условите за влез во истата. Иако Албанија не бара негативен ковид тест, карантин и слично, доколку крајната дестинација има одредени рестрикции, албанските органи бараат истите да се исполнуваат, во спротивно полетувањето нема да биде дозволено, се посочува во објавата, која е објавена на македонски и на албански јазик.