Владата на Република Македонија објави оглас за именување претседател и три члена на Регулаторна комисија за енергетика на Република Македонија.
На предлог на Владата на Република Македонија, Собранието на Република Македонија ќе именува претседател и три члена на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, имајќи ја предвид соодветната и прааичната застапеност на припадниците на сите заедници, со мандат од пет години.
Еден член на Регулаторната комисија за енергетика е стручно лице за правни прашања од областа на енергетиката, еден член е стручно лице за економски прашања од областа на енергетиката и/или водните услуги, еден член е стручно лице за технички прашања од областа на водните услуги и останатите членови се стручни лица за технички прашања од областа на енергетиката.
Мандатот на секој член и на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика изнесува пет години и ниту еден член не може да биде на таа функција повеќе од два последователни мандата.
Функцијата член на Регулаторната комисија за енергетика се врши професионално и е неспојлива со извршување на друга јавна функција или функција во политичка партија или работно место. Ако членот на Регулаторната комисија за енергетика пред именувањето бил во работен однос, работниот однос му мирува.
Нетоплатата на претседателот и членовите на Регулаторната комисија за енергетика не може да биде повисока од збирот на пет просечни месечни нетоплати исплатени во Република Македонија во претходната година, според податоците објавени од Државниот завод за статистика.