Агрометеорологот Ангелко Ангелески од УХМР вели дека можно е ова лето да се зголемат цените на овошјето, ако дојде до уништување на родот од мразеви, но и не мора да значи. Тој објаснува дека ниски температури под нулата ќе има во одредени краеви во земјава, како што е Берово. Таму дел од сливите сега имаат вегетација, а дел од сортите цутат подоцна. Смета дека студеното време најмногу ќе ги погоди кајсиите и праските. Во Повардарието овошните дрвца веќе цутат. Тие можат да издржат температури од -1 или -1.2 степени.
„Можно е да има штети кај овошките, но тие ќе бидат минимални, нема да биде тоа катастрофално. Ќе има намалување на родот. Но, зависи и од експозицијата на дрвцата. Оние кои се на северната страна ќе биде оштетени, а оние на јужната страна или во централниот дел на овоштарникот ќе бидат позаштитетни. И од снегот кој падна на 22 и 23 март очекуваме дека ќе има штети. Сепак ова лето ќе имаме да јадеме и кајсии, и праски, и цреши, и овошјето може да биде поскапо, но и не мора да значи, затоа што ако на едно дрво имаме 20 ситни кајсии и 14 крупни кајсии, тоа е квантитативно исто“, рече Ангелески.
Според негова проценка, нема да настрадаат јаболката во Ресен и Преспа. Истото го потврдуваат и сопствениците на овоштарници во овој регион.
„Јаболката во овој крај уште не цутат, и очекуваме тоа да се случи за десетина дена. Дали ќе имаме штети не знаеме, останува да видиме какво ќе биде времето“, вели Ерол Крутовски, овоштар од Ресен.
Овоштарите можат да преземат мерки за да ги спасат дрвцата од измрзнување, со наводнување или со затоплување.
„Со задимување може да се заштитат дрвцата така што температурата ќе се зголеми за еден степен. Со вештачко наводнување исто така може да се помогне, со вештачки дожд, може да се заштитат овошките дрвца, но тоа ретко кој го практикува. Тоа може да се направи во двор, не зборувам за овоштарници“, вели Ангелески.
Ланската година на 2-3 април исто така имавме мразеви. Студен бран во април ја зафати Македонија, но и Балканот.
Извор : https://faktor.mk/