
„Вакциниран сум и престојувам на отворено. Дали треба да носам маска?“ „Дали треба да носам маска ако трчам во природа и не сум блиску до луѓе?“ „Одам по тротоарот и поминувам покрај друга личност - треба ли да ставам маска?“
Како што се затоплува времето и процентот на вакцинирани граѓани постепено расте, сè повеќе луѓе се во дилема и поставуваат вакви прашања.
- Ако сте вакцинирани, би рекол дека немате потреба да носите маска на отворено бидејќи е познато дека повеќето вируси не се пренесуваат на отворено - вели д-р Санџај Гупта за Си-ен-ен
Шансите за пренесување на вирусот се 18,7 пати поголеми во затворени простории
Истражување објавено во ноемвриското издание на „Журнал оф инфекшс дизизес“ открива дека шансите за пренесување на вирусот се 18,7 пати поголеми во затворени простории отколку на отворено, а помалку од 10 отсто од инфекциите се случиле на отворено. Ношин Разани, еден од авторите на истражувањето и вoнреден професор по епидемиологија и биостатистика на Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско, вели дека реалниот број на случаи на пренесување на отворено е „веројатно помал“ од 10 отсто.
Тековните насоки од центрите за контрола и превенција на болести на САД (ЦДЦ) се дека можеби нема да бидат потребни маски на отворено.
- Маските можеби не се потребни ако сте сами надвор, далеку од други луѓе или во друштво на луѓе што живеат во вашето домаќинство - вели ЦДЦ. Сепак, не постојат специфични упатства за вакцинирани лица.