Грчките туристички капацитети ги почитуваат сите протоколи за безбеден престој на туристите кои важат во цела Европска Унија и се препорачани од СЗО. Сите туристички работници се вакцинирани, се почитуваат сите здравствени мерки што ги препорачува грчката влада, па затоа нема потреба од загриженост. Дневно во Грција се тестираат и до 70.000 граѓани.
Грција меѓу првите ги вакцинира туристичките работници, персоналот на хотелите и угостителските објекти, како и туристичките водичи и со тоа даде до знаење дека ја претпочита безбедноста на гостите. Дополнително во хотелите се почитуваат сите мерки и протоколи донесени од СЗО и ЕУ поврзани со престојот на гости во хотелите и во рестораните.
Во екот на пандемијата лани во Грција престојувале странци и притоа немало посебни забелешки во однос на безбедноста на хотелските капацитети и рестораните од страна на туристите.
Туристи од земјава кои веќе биле во Грција велат дека е безбедно да се патува и да се летува бидејќи сите ги почитуваат строгите протоколи.
Според протоколите на здравствените власти во Грција секој работодавец е должен два пати неделно да ги тестира вработените, во спротивно плаќа висока глоба. Во секое туристичко место има пунктови за брзи тестови за ковид-19.
Агенциите од земјава кои организираат патувања во Грција велат дека интересот на нашите граѓани за летување во оваа земја расте, но проблем за оние кои не се вакцинирани е цената на тестот– најевтиниот тест е 1.300 денари по човек што за четиричлено семејство е добра сума.
Во 2019 година Грција ја посетиле 948.000 македонски државјани, што е за 20 проценти помала во споредба со туристите во 2018 кога имало 1.187 000. Очекувањата се дека годинава ќе се оствари барем половина од овие бројки, но сѐ зависи од ситуацијата со коронавирусот.
извор: plusinfo.mk