НЈСК Холдинг е првата македонска компанија која е дел од меѓународната групација „Фармакан Интернешнал“ која доби лиценца за извоз на сув цвет од канабис, како активна фармацевтска супстанција, наменет за Полска, која е дел од заедничкиот пазар на Европската Унија.
Ваквиот успех е резултат на пет-годишната макотрпна работа, како и интензивните вложувања во најсовремена опрема, специјализирано знаење и највисоки стандарди за ваков вид фармацевтско производството, со цел да се задоволат високите критериуми за квалитет кои се бараат на европскиот и светскиот пазар. Со добивањето на лиценцата за извоз на пазарот на ЕУ, НЈСК Холдинг се профилира како водечка македонска компанија за производство на ваков вид фармацевтски производи, со чие успешно работење се создава поволна клима и дополнителни можности за развој.
НЈСК Холдинг е основана во август 2016 година и е првата лиценцирана компанија за одгледување на медицински канабис во земјава и воедно таа е прва македонска компанија со европска лиценца за производство на фармацевтски производи на база на канабиноиди. Досега своите производи ги има регистрирано на пазарите во Полска и Германија, а преку партнерски и сестрински компании, и во Велика Британија, Бразил и Австралија.
извор: www.biznisvesti.mk