Цената на биткоинот падна за повеќе од десет проценти во понеделникот, но се стабилизира на азискиот пазар во вторникот.
Кина отиде чекор понатаму во борбата против криптовалутите и нареди на банките и платформите за плаќање да престанат да ги поддржуваат трансакциите со криптовалути.
Претходно, биткоинот беше забранет во провинцијата Сечуан во петокот.
Цената на биткоинот падна за повеќе од десет проценти во понеделникот, но се стабилизира на азискиот пазар во вторникот.
Вредноста на криптовалутата падна за околу 50 проценти откако во април достигна рекордно ниво од над 63.000 американски долари.
Во понеделникот, кинеската централна банка, Народната банка на Кина (PBOC), соопшти дека неодамна повикала неколку големи банки и платежни компании да преземат поостри мерки при тргување со крипто-валути.
На банките им било кажано да не даваат производи или услуги како што се трговија и трансакции со криптовалута, се вели во соопштението на PBOC.
Третиот по големина кинески заемодавач, Земјоделската банка на Кина, соопшти дека ги следи упатствата на PBOC и внимателно ќе ги преземе сите законски чекори за искоренување на нелегалните активности кои вклучуваат рударство и трансакции со криптовалути.
Кинеската банка за поштенски штедилници исто така рече дека нема да олесни какви било трансакции со криптовалути.
Кинеската платформа за плаќање преку мобилна телефонија и онлајн „Алипеј“, сопственост на финансискиот гигант „Ант Груп“, исто така, ќе постави систем за следење за откривање на нелегални трансакции со криптовалути.
Најновата мерка уследи откако властите во југозападната провинција Сечуан во петокот наредија забрана за рударство на биткоин.
Кина лани учествуваше со околу 65 проценти од светското производство на биткоин, а провинцијата Сечуан беше втор по големина производител во Кина, според студијата на Универзитетот во Кембриџ.
Минатиот месец Државниот совет во Кина објави дека ќе преземе мерки против рударството и трговијата со криптовалути како дел од кампањата за контрола на финансиските ризици.
Некои аналитичари предупредуваат на потенцијално понатамошно опаѓање на цената на биткоинот поради феноменот познат како „крст на смртта“, што се случува кога краткорочната просечна тренд линија ќе се спушти под долгорочната просечна линија на трендот.
Останатите криптовалути исто така паднаа бидејќи инвеститорите се загрижени за посериозно регулирање на дигиталните валути низ целиот свет.
Аукциската куќа „Сотеби“ соопшти дека редок дијамант во облик на круша, кој се очекува да се продаде за дури 15 милиони долари, може да се купи на аукција следниот месец во криптовалути.
Ова е прв пат да се понуди ваков голем дијамант во јавна продажба за криптовалути.
Извор: lokalno.mk