Конечно сте го искористиле вашиот годишен одмор и сте отишле на заслуженото патување. Посакувате овие денови да траат засекогаш, но, враќањето на работа е неизбежно, а оваа помисла може навистина да ве мачи. Никој не сака да зборува за мејлови, договори и крајни рокови после неверојатен одмор. Сепак, не можете да го избегнете ова, па добро е да знаете како да се подготвите за работа после вашето летување.
Совети кои ќе ви помогнат полесно да се приспособите на работа после одморот:
Немојте да работите веднаш откако ќе се вратите
На секој му е потребно време да се приспособи. Доколку можете, земете уште ден-два после вашето патување за да се релаксирате пред да се вратите во канцеларија. Дури и ако треба да чистите или имате други обврски, сепак дајте си барем некој краток одмор по одморот. Фокусирајте се на приспособувањето. Доколку не го направите ова, покрај заморот, ќе треба да се справувате и со дополнителен стрес.
Олеснете си го враќањето на работа
Пред да се вратите на работа, добро испланирајте го првиот работен ден. Направете листа со обврски и одредете ги вашите приоритети. Откако ќе го направите планот, одвојте и време за размислување. Најпрво почнете со обврските што сте ги оставиле пред одморот. Ова ќе ви помогне да се вратите во нормала. Можеби ќе бидете во искушение веднаш да почнете со нов проект, но ова само ќе ви предизвика непотребен стрес. Фокусирајте се на нештата што знаете како да ги завршите и што бараат најмалку труд. Почнувањето со едноставни задачи ќе ви ја зголеми самодовербата и ќе ве мотивира.
Земете мал дел од одморот со вас
Сувенирите се одличен начин да се потсетите дека е во ред да направите пауза и да уживате во животот. Сувенирот може да биде што и да посакате. Можеби ќе купите некое есенцијално масло што ќе ве потсетува на одморот. Или пак ќе си пуштите некоја песна што ќе ве врати во опуштените денови. Фотографија од одморот исто така има позитивно влијание.
Одете на работа со „нови очи“
Можеби сте биле фрустрирани од некоја задача пред да одите на одмор бидејќи не сте можеле да ја завршите. Сега, кога одморивте, можете да ги гледате нештата од друга перспектива. Понекогаш сè што ви е потребно е мала пауза за да се вратите на вистинскиот пат.
Правете паузи во текот на денот
Доколку веднаш пробате да работите со исто темпо како и пред одморот, едноставно кажано, ќе прегорите. Не ѝ дозволувајте на вината да ве убеди дека треба да работите повеќе бидејќи сте биле на одмор. Сега, кога вие сте во канцеларија, сигурно има друг колега кој е на одмор. Бидете добри кон себе и не заборавајте дека и вам ви е потребен одмор, но и време да се прилагодите после него. На секои три часа правете пауза од 10-тина минути. Можеби ќе ви изгледа невозможно, но ќе издржите. Најважното е да се фокусирате на едно нешто во моментот.