Во срцето на Силиконската долина (Калифорнија), постои училиште во кое вработените во компании како Гугл, Епл и Јаху ги испраќаат своите деца. Но, и покрај тоа што е во дигиталниот центар на Америка, во тоа училиште не постои ниту еден паметен телефон или кој било друг екран. Наместо тоа, наставниците од Waldorf School of the Peninsula претпочитаат искуствен пристап кон учењето што е во силен контраст со трендот да се наполнат училниците со најновите електронски уреди. Училишната педагогија ја нагласува улогата на имагинацијата во учењето и зазема холистички пристап кој ги интегрира интелектуалниот, практичниот и креативниот развој на учениците.
Но, фактот дека родителите кои работат во најмоќните технолошки компании ја доведуваат во прашање вредноста на компјутерите во образованието го активира прашањето – дали футуристичкиот сон за високотехнолошки училници е навистина во најдобар интерес на новите генерации?. Најдобрите образовни системи, како што се оние во Источна Азија, биле многу претпазливи со користење технологија во нивните училници, се вели во извештајот. Студентите кои користат компјутери многу често постигнуваат полоши резултати од оние кои ги користат умерено. Здружението на Валдорфски училишта од Северна Америка објаснува дека нивниот пристап користи „со текот на времето тестирани вистини за тоа како децата учат најдобро“.
Наставниците ги охрабруваат децата да учат преку уметничко изразување и разни активности како што се сликање, цртање, наместо да учат информации од компјутер. Овој покреативен пристап кон образованието ги оживува лекциите и е многу поефикасен отколку да им покажете на учениците серија слики на екранот.
Една од причините што родителите кои работат во дигиталната индустрија избираат училиште со мала или никаква технологија за своето дете е тоа што ваквите училишта ги учат децата на вештините за иновативно размислување што им се потребни на многу работодавци. На учениците кои „пораснале на технологија“ често им недостасува способност за пошироко размислување и решавање проблеми. На учениците на возраст под 12 години во тоа училиште, им е забрането да користат мобилни телефони и компјутери и да гледаат филмови или ТВ во кое било време, вклучувајќи ги и празниците.
Целта е постепена интеграција на електронските уреди во развојот на детето, а на учениците им е дозволено да гледаат телевизија кога ќе наполнат 12 години, и тоа само документарци претходно одобрени од нивните родители. Интернетот е целосно забранет до 16-тата година од животот – дома и на училиште, а компјутерите можат да се користат само како дел од наставната програма за деца постари од 14 години. Помладите ја ценат можноста за игра, а адолесцентите кои се префрлиле во тоа училиште од традиционалните училишта, признаваат дека сега се посреќни.