Спроведени се контроли во хотели, ресторани, пицерии, слаткарници, бурекчилници, пекарници, сендвичарници, ќебапчилници, кафе барови, маркети и други објекти, каде има зголемена фреквенција на туристи.
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство во изминатите три дена, спроведоа вонредни контроли во Охридско – струшкиот регион и во Дојран, при што опфатени биле 89 оператори со храна и уништени се над 200 килограми небезбедна храна.
Спроведени се контроли во хотели, ресторани, пицерии, слаткарници, бурекчилници, пекарници, сендвичарници, ќебапчилници, кафе барови, маркети и други објекти, каде има зголемена фреквенција на туристи, а зајакнати контроли се спроведуваат и во малопродажните објекти во сите населени места.
„За утврдените неусогласености ( најдена храна со поминат рок, лоши хигиено-технички услови, нерегистрирани оператори со храна во Агенцијата за храна и ветеринарство и др.), издадени се 15 наредби за отстранување на утврдените недоследности, изречени се две забрани за вршење на дејност, 22 мерки едукација на операторите, а изречени се и и 14 парични кзни. Како небезбедни, од страна на инспекциксите служби на Агенцијата, уништени се 203 килограми храна“, информираат од АХВ.
Со спроведените вонредни инспекциски контроли на дваесеттина оператори со храна во Дојран, кај пет од контролираните оператори евидентирани се отстапувања во однос на HACCP плановите, отсуство или несоодветно означување на храната, особено на алергените и други неусогласености од помал обем.
Изречени се четири мерки за отстранување на утврдените неусогласености, 4 мерки едукација и 2 парични казни. Како небезбедни, во Дојран уништени се само 5,6 килограми храна.
Од АХВ, апелираат до граѓаните храна да купуваат од одобрени и регистрирани објекти кои ги имаат имплементирано безбедносните системи, а како потрошувачи да внимаваат и на означувањето на производите и каде и како истите се чуваат. Истовремено, ги охрабруваат граѓаните секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната да ја пријават на бесплатната телефонска линија за потрошувачите на Агенцијата за храна и ветеринарство 0800 3 22 22, но и лично, или на електронската пошта.
Со засилените контроли, чија цел е спречување на евентуални труења и инфекции од храна, кои лесно можат да се случат како последица на високите температури, од АХВ најавуваат дека во наредниот период опфатени ќе бидат и останатите туристички центри во земјава, вклучително и планинските.