Поголемата вклученост на жените во банкарскиот сектор и воопшто во сите општествени сегменти, носи бројни економски придобивки за целото општество. Истражувањата покажуваат дека поголемото учество на жените во телата за одлучување за монетарната политика значи и поголемо ниво на ценовна стабилност.
Учеството на жените во вкупниот број вработени е околу 60%. Учеството во раководните структури е близу до 70%. Оваа констатација е релевантна за сите нивоа на раководството – оперативно, тактичко и стратегиско раководство. Во рамките на стратегиското раководство, од тројца вицегувернери, две се жени.
Сепак, ситуацијата со застапеноста на жените во управувачките структури во банкарскиот сектор кај нас е поразлична. Учеството на жените во управните и надзорните одбори во банките во нашата земја е околу 30%, а има и неколку банки каде што жените воопшто не се застапени во управните, односно надзорните одбори. Ситуацијата во меѓународни рамки не е многу поразлична, жените учествуваат со 23% во управните и со 30% во надзорните одбори во банкарскиот сектор, во просек.
Од особено значење е и пристапот на жените до финансиите. Податоците покажуваат дека 80% од мажите кај нас имаат банкарски сметки, додека кај жените процентот е помал – околу 70%. Во однос на пристапот до кредити, 45% од вкупните кредитокорисници се жени, а 55% се мажи, додека ако се гледа според износот на кредитите, само 38% од кредитите на населението ги користат жените. Овие бројки укажуваат на потребата од преземање натамошни мерки, а една од позначајните активности за поттикнување на пристапот до финансии е финансиската едукација.
извор: biznisinfo.mk