Највисокиот шпански суд пресуди дека минатогодишниот строг карантин во земјата бил неуставен. Оваа одлука остава можност луѓето кои биле казнети за прекршување на мерките да ги добијат назад парите кои ги платиле како казни.
Сепак судот соопштил дека нема да се прифаќаат тужби од луѓе или компании кои би сакале да ја тужат владата поради загубите поради карантинот.
Владата на Шпанија прогласи кризна состојба на 14 март 2020 година со цел да се спречи првиот бран ковид инфекции. Во тој период имаше висок раст во бројот на новозаразени и починати од вирусот, а болниците се преполнуваа со пациенти.
Во тој период скоро сите луѓе во земјата имаа наредби да останат во своите домови и можеа да излегуваат надвор само поради неопходни причини. Освен критичните сектори на државата, безмалку целото стопанство во земјата не работеше. Овие правила важеа до јуни 2020 година, а дел од рестрикциите подоцна повторно беа воведени кога во земјата се случуваше вториот бран на вирусот.
Но, Уставниот суд на Шпанија, со тесно мнозинство од 6-5, одлучи дека кризната состојба не била доволна за да се обезбеди уставна оправданост на рестрикциите. Судот во соопштение за јавноста посочува дека преку мерките било извршено прекршување на основните човекови права.
За правно ограничување на слободите на начин на кој тоа било направено минатата година, судот тврди дека Владата требала да прогласи вонредна, наместо кризна состојба. Во Шпанија кризната состојба може да биде прогласена од Владата и да стапи на сила пред да биде дебатирана во парламентот. Со тоа власта може да реагира и да носи одлуки. Но, во случајот на вонредната состојба, таа мора да биде одобрена од парламентот.