Во понеделник ќе почне вакцинацијата на децата, а веќе од денеска ќе се даваат термините на сите кои се пријавени. Како што информираат од Министерството за здравство, пријавени се 1.623 деца и тоа најглем интерес има во Скопје, па во Тетово. Најмалку пријавени има во Кратово и во Македонска Каменица.
-Вакцинирањето на децата ќе се спроведе во постојните вакцинални пунктови во градот кој го навеле при пријавувањето. Најголем број пријавени деца и млади има во Скопје и тоа во поликлиниките „Букурешт“ – 367, „Јане Сандански“ – 267, „Чаир“ – 101 и „Бит Пазар“ – 5. Во Тетово се пријавени 103 деца, во Битола 99, Куманово 86, Охрид 76, Велес 70, Кавадарци 53, Гостивар 49, Струмица 43, Гевгелија 40, Штип 38, Струга 25, Неготино 15, Кочани 14, а во останатите градови бројките се под 10 пријавени. Најмал интерес или по само еден пријавен има во Кратово и Македонска Каменица, како и по двајца во Вевчани, Демир Хисар и Македонски Брод. Децата од 12 до 16 години ќе се вакцинираат со Фајзер. Оваа вакцина во моментов е единствена која е дозволена да се користи согласно препораките од внатрешното упатство за оваа категорија деца за оваа возраст, соопштуваат од Министерството за здравство.
Во здравствените домови ќе бидат достапни и педијатри за советување. Надлежните апелираат граѓаните да ја искористат можноста да се вакцинираат. Според нив, појавата на Делта сојот на коронавирусот покажува колку е важна вакцинацијата, со оглед на тоа дека таа штити од тешка форма на болест и од смрт. Досега со две дози се вакцинирани 259.894 граѓани, а вкупно се аплицирани 700.193 дози.
извор: faktor.mk