Каролина Херера со гордост и достоинство го носи приматот на една од најубаво облечените жени во светот, но и епитетот на голем и успешен дизајнер во модниот свет. Нејзиниот истенчен моден вкус е она по што Херера била препознатлива уште пред нејзиното име да се вивне во висините на модниот свет. Родена е на осми јануари 1939 година во Каракас, Венецуела. Нејзината баба ѝ помогнала да го запознае светот на модата, така што ја носела својата внука на настани на познати дизајнери и ѝ купувала облека од познат брендови. Херера заедно со нејзините три сестри живеела во луксуз и богатство. Нејзиниот татко бил пилот, а потоа и гувернер на Каракас.
“Моите очи се научени да гледаат убави работи. Моето детство беше исполнето со фантазии и игри. Еден од најубавите спомени ми беше дотерувањето со сестрите…“, изјавила Херера во една прилика.
Нејзините креации се одликуваат со софистицираност, едноставност, елеганција, а нејзиното модно царство “тежи“ милијарда долари.
Нејзиниот бизнис се состои од брендовите Carolina Herrera, што се продаваат само во САД, како и CH што има повеќе од 150 бутици ширум светот, а опфаќа машка и женска линија и модни додатоци. Во светот, во 30 бутици се продаваат невестински фустани со потписот на Херера, а линијата на парфеми ја почнува во 1988 година.
На средина на 60-тите години од минатиот век се вработила како ПР агент на модната куќа Emilio Pucci во нејзиниот роден град. Таму работела шест месеци, додека не го сретнала својот пријател од детството Реиналдо Херера, кој исто така бил од аристократско семејство. Тој бил нејзината прва љубов. Се венчале во 1968 година, во венчаница што самата ја дизајнирала. Брачната двојка се преселила семејната куќа La Vega, вила со 65 соби, изградена во 1590-та година. Во 1980-та година, двојката се сели во Њујорк, по што Херера почнала да размислува како да го промени својот живот по 40-тата година. Првичната идеја била фабрика за материјали, но нејзин близок пријател кој работел за модната куќа Valentino ѝ предложил да се обиде да дизајнира своја колекција.
“Ми беше добро да бидам домаќинка додека не наполнив 42 години, тогаш посакав промена. Дотогаш работев само односи со јавност за брендот Emilio Pucci. Но, во еден момент почувствував порив да работам нешто конкретно во модниот свет“, изјавила Херера.
За кратко време, креациите на Херера им го привлекле вниманието на познати луксузни продавници во Њујорк. Една од првите нејзини клиентки била Џеки Кенеди, сопруга на американскиот претседател Џон Кенеди.
“Кога го почнував овој бизнис, не го поврзував зборот дизајн со зборот работа. Мојата визија за мојата кариера беше налик на бајка. Мислев дека дизајнерка е нешто гламурозно. Немав поим дека тоа ќе значи со часови седење во канцеларија. Мислев дека ќе ја дизајнирам колекцијата и ќе си заминам дома“, признала Херера во една прилика.
Во 1986 година ја осмислила линијата СН, поевтина колекција, а три години подоцна следува Carolina Herrera Collection 2. Почнала сериозно да заработува кога во 1988 година ја претставила својата линија на парфеми. Првиот парфем го носел нејзиното име. Бројни ѕвезди се појавиле на значајни настани облечени во креации на Херера, меѓу нив се и Рене Зелвегер, Лејди Гага Сандра Булок.