Два до три дена повеќе одмор за истата цена може да се искористи доколку се направи аранжман преку туристичка агенција од Србија, споредено со истото место за летување што го нуди туристичка агенција од Македонија. „Фактор“ направи споредба, на сугестија на туристите, и резултатите тоа го потврдуваат. Постојат случаи кога за истите пари за сместувањето преку српска туристичка агенција може да се летува девет дена, додека преку македонска туристичка агенција истата сума се плаќа за една седмица.
- Ние бевме на одмор во Грција преку туристичка агенција од Србија затоа што беа поуслужливи, имаат подостапни цени и поголема понуда. Конкретно најголема разлика со нашите агенции има за аранжманите во Грција. Таму ако им се јавиш прават се да ти најдат смеsтување какво што бараш, додека на нашите им е најлесно да ти кажат дека нема место или немаат нешто што ти одговара. Секако и цените се пониски и тоа moжеби за 20 отсто - вели наша сограѓанка која лани на тој начин била на летување.
И самите туристички агенции од Македонија потврдуваат дека летувањето може да биде поисплатливо преку српските агенции, но дека не се чувствуваат загрозени од конкуренцијата од северниот сосед.
- Тие имаат поголеми закупи и со тоа добиваат можност за поевтини цени. Имаат можност да направат поголеми туристички групи. Тоа не е спорно. Но сепак, на крајот, на самото место може да се отворат скриени трошоци, бидејќи тие имаат постојано свој претставник таму. За македонските туристи, доколку се нафатат, би можело билансот на крај да им се покаже поисплатлив, но конкурентите од Србија нас не може да не загрозат. Може имаат предност кај on-line клиентите, но стандардните муштерии, оние возрасни со деца, остануваат кај нас - изјави Сузана Зелениковска од Фибула Травел.
Во вила во Ханиоти доколку цената од 30 јуни изнесува 160 евра по лице за седум ноќи по македонски услови, за истата или само малку повисока сума, српските услови важат за девет или десет ноќи на истото или слично место во рамките на тој термин.
извор: faktor.mk