Летните олимписки игри ќе бидат официјално отворени денеска во Токио (Јапонија), по едногодишно доцнење поради пандемијата на коронавирусот, и ќе траат до 8 август, а Македонија ќе ја претставуваат вкупно осум спортисти. Овие Олимписки игри нема да бидат налик на ниедни од претходните, бидејќи на љубителите на спортот од странство им е забрането да присуствуваат на трибините, а само на некои места ќе биде дозволена публика, бидејќи одредени области во Јапонија, вклучително и Токио, се наоѓаат под вонредна состојба поради зголемување на бројот на заразени од ковид-19. Само 950 луѓе ќе бидат присутни на свеченото отворање во 13.00 часот по македонско време, вклучувајќи ВИП лица, претседатели и премиери на земји, како и одредени политичари.
Оваа година на Олимпијадата треба да се натпреваруваат 11.091 спортист од 206 земји од целиот свет, објави Меѓународниот олимписки комитет. Македонија во Токио ќе ја претставуваат осум спортисти во седум спортови:
1. Блажевска Еминова Миа – пливање 100 м.
2. Бранковски Борјан – спортско стрелаштво 10 м. воздушен пиштол
3. Георгиевски Дејан – таеквондо – +80 кг
4. Деркоски Филип – пливање 400 м.
5. Јованоска Пулексенија – карате – Ката
6. Нуров Магомедгаджи – борење слободен стил – 97 кг
7. Реџепи Арбреша – џудо – 52 кг
8. Стојоски Јован – атлетика 400 м.
Први од македонските спортисти ќе настапат Деркоски (пливање – 400 м.) и Бранковски, спортско стрелаштво 10 м. воздушен пиштол кои на Олимписките игри ќе настапат на 24 јули.
Реџепи (џудо – 52 кг) ќе настапи на 25 јули, а истиот ден ќе се одржат и борбите за медал во нејзината категорија. Георгиевски (таеквондо) во категоријата +80 кг ќе настапи на 27 јули, а истиот ден ќе се одржат и борбите за медал во неговата категорија.
Блажевска Еминова Миа ќе настапи на трката на 100 м. (пливање) на 28 јули, потоа Јованоска (карате, кати) ќе настапи на 5 август, а истиот ден ќе се одржат и борбите за медал, додека Стојоски (атлетика) во трката на 400 м. ќе настапи на 1 август, а финалето на оваа трка е на 2 август 2021 година.
Последен на Олимписките игри ТОКИО 2020 ќе настапи Нуров Магомедгаджи (борење слободен стил, 97 кгр.). Неговите борби во осмина финалето започнуват на 6 август, а следниот ден ќе се одржат и борбите за медал во оваа категорија.
Шеф на македонската олимписка делегација на одложените Олимписки игри ТОКИО 2020 ќе биде спортскиот директор на МОК, Владимир Богоевски, а во делегацијата одговорен за здравствениот статус на македонските олимпијци ќе биде д-р Небојша Настов.
Претседателот на Организациониот одбор на Олимписките игри, Тоширо Муто, изјави дека бројот на заразени со коронавирус ќе се следи на дневна основа, а денеска Јапонија објави дека вкупниот број на заразени лица поврзани со Игрите, без разлика дали се спортисти, официјални лица и разни персонали, се искачија на 106. Организаторите на Олимписките игри во Токио објавија дека уште тројца учесници на Игрите биле заразени со ковид-19, меѓу кои и еден кој престојува во олимпиското село.