Вашата биографија е најважна за првиот впечаток кај работодавецот и е пресудна дали ќе влезете во потесен круг.
Но, сепак најважниот дел од целокупниот процес е интервјуто за работа. Во зависност од компанијата, прашањата може да се разликуваат иако има некои клучни прашања кои најчесто сите ги поставуваат. Затоа е важно да се подготвите како да ги одговорите со цел да оставите подобар впечаток за вас.
Зошто го напуштивте претходното работно место?
Во никој случај не смеете да ја префрлите вината на вашиот претходен работодавач или да кажете дека го напуштивте местото поради ниската плата. Никој не сака да соработува со некој којшто зборува лошо за претходниот газда или колеги, а ниту пак е добро да се знае дека единствен мотив ви се парите.
Заземете позитивен став и без разлика на околностите, кажете дека претходната работа не ве исполнувала, не ви обезбедила можност да стекнете искуство и не ви понудила шанса целосно да го реализирате својот потенцијал.
Кажете ни нешто за себе?
Никој сериозен работодавач не сака да слуша како вие зборувате за приватниот живот или вашето хоби. Бидете директни и зборувајте за своите лични особини кои директно се поврзани со работата на која се пријавувате. Искористете го ова прашање за да го убедите работодавачот дека вие сте идеалниот кандидат којшто на него му е потребен.
Кои се вашите слабости?
На ова прашање треба добро да размислите и однапред да се подготвите за да можете добро да одговорите. Никој не сака да ангажира работник кој има маани кои директно се поврзани со работното место или не можат да се решат. Секако, треба да бидете искрени, но внимавајте да “изберете“ слабост за која имате спремено целосно или делумно решение.
Кои се вашите очекувања за плата?
Едно непишано правило вели дека оној кој прв ја кажува цифрата го губи дуелот. Затоа, најдобро е на ова прашање да одговорите дека платата е многу важен фактор во вашето вработување, но сепак за неа може да разговарате подоцна кога подобро ќе се запознаете и кога ќе знаете кои се очекувањата од вас. Кога работодавачот ќе процени дека вие сте идеален кандидат за работното место, тој ќе биде и отворен за преговори околу висината на вашите месечни примања.