Во следните години ќе имаме поскапување на храната поради климатските промени кои донесоа топлотни шокови и суши.
Земјоделците и агрономите велат дека веќе има намалено производство кај повеќето култури, но има и повисоки цени на производите. Овошјето и зеленчукот се поскапени. Очекуваат дека во иднина овој процес ќе биде поизразен. Земјоделците ќе мора почесто да ги наводнуваат нивите и почесто да прскаат.
„Веќе се чувствува влијанието на климатските промени и производството е намалено. Зголемени се цените на доматите, пиперките, краставиците. Овие сорти не можат да ги издржат тие температурни шокови. Земјоделците ќе мора повеќе да наводнуваат, и не е само тоа, туку се развиваат многу штетници на тие температури, и ќе треба поголема заштита, повеќе хемија. За да опстанат земјоделците ќе мора да се преориентираат на нови сорти, било да се тоа градинарски култури, или ако се работи за овоштарство, да се обидат со доцни сорти со кои ќе се избегнат пролетните мразеви“, велат од Здружението на земјоделци.
„Климатските промени имаат многу големо влијание, и погодени се градинарските култури. Треба да се внимава и за заштитата на растенијата, да се погодат температурите кога таа ќе се изврши за да има ефект. Намалено е производството на сливи, јаболка, компири во Берово затоа што климатските промени си го направија своето“
Што се однесува до температурите, во јули во Македонија беа измерени 44 степени. Во иднина се очекуваат повеќе суши, топлотни бранови, почести пожари и поплави.
Извор: slobodnaevropa.mk