Доктор Алан Кени од Нов Зеланд нуди голема плата за супер работа во место кое секој би го посакал за живот. Сепак, никој не е заинтересиран. Токороа е називот на местото во Нов Зеланд кое брои 13.600 жители и на кое итно му требаат нови доктори.
Годишната плата за работата како доктор во ова место изнесува околу 400.000 долари, а работата нуди слободни викенди, ослободување од ноќни смени, ниски цени за станарина, платен годишен одмор и сите други погодности.
Д-р Алан Кени води медицинска пракса која ја сочинуваат шест доктори и потребен им е нов доктор, бидејќи веќе има 61 година и наскоро ќе замине во пензија. Во последниве две години пробувале да регрутираат нови, млади доктори, но никој не е заинтересиран
Д-р Кени е од Велика Британија и отишол таму пред 30 години во потрага по нова работа и го сака својот живот во Нов Зеланд, но признава дека причината за незаинтересираноста за оваа работа е оддалеченоста на големите градови и зафрленоста на ова градче.
Како и многу други земји и Нов Зеланд води маки за регрутирање на млади доктори за работа токму во руралните подрачја кои не им се привлечни на студентите по медицина.
“Многу ми е тешко да пронајдам нови доктори кои се подготвени да ја превземат работата. Минатата година морав да го одложам годишниот одмор поради тоа, а и оваа година најверојатно ќе биде исто”, вели тој.
Тој раскажува дека дневно во просек има околу 40 пациенти, а работи од 8:30 до 18:00 без пауза за ручек.
“Ја сакам својата работа и сакам да останам тука, но станува навистина тешко”, заклучува тој.