Volkswagen пред два дена ја започна првата надградба на софтверот за сопствениците на ID. моделите. Надградбата е бесплатна за корисниците, но сепак, производителот планира да заработи од воведувањето на безжичните надградби.
Volkswagen објави дека ID.3 и ID.4 моделите ќе ја добијат првата безжична Over-the-Air надградба. Овие надградби се прават во координација со Cariad, софтверската дивизија на VW Group. “Новите надградби се клучна функцоиналност на дигиталниот, поврзан автомобил. Наскоро ќе станат вообичаена појава за нашите клиенти, слично како во случајот со мобилните телефони” – изјави Директорот за развој во Volkswagen, Томас Улбрих. “Развојот на софтвер се одвива со забрзана динамика. Ние го развиваме нашиот софтвер во куси циклуси по примерот на технолошките компании, што ни овозможува да понудиме надградби во покуси интервали.” – додава Улбрих.
Според известувањето, VW планира да ги спроведува ваквите надградби на секои 12 седмици. Дополнително, Volkswagen планира да користи нов бизнис модел, преку кој ќе генерира поголеми приходи со нудење на услуги и функционалности за кои клиентите ќе може дополнително да се претплатат.
Во иднина преку софтверот во автомобилот клиентите ќе може да се претплатат за одредени услуги, како што е “автономното возење”, на пример.
Интересно е што сличен модел на претплата од неодамна имплементираше и Tesla, кој им овозможи на сопствениците на дел од нивните модели, софтверски да се претплат за услугата “Full Self-Driving” за 190 долари месечно. Тие потоа можат да ја откажат претплатата, и по одреден период, повторно да се претплатат доколку сметаат дека таа услуга им е потребна.
Ова претставува сосема нов модел на генерирање на приходи од дополнителни функционалности кој досега не беше карактеристичен за автомобилската индустрија. Досега вообичаена пракса беше сите дополнителни функционалности да се нарачаат однапред и еднократно да се платат пред купувањето на возилото.
Преку овој приходен канал Volkswagen очекува генерирање на стотици милиони евра приход во следните неколку години.
Според производителот, новиот “ID. Software 2.3” ги оптимизира постоечките функционалности, но воведува и нови. Некои од новините се однесуваат на ID. Light системот кој се проектира на ветробранското стакло. Отсега ќе го информира возачот во врска со клучни информации поврзани со режимот на возење, на пример кога го управува возилото на начин кој штеди енергија или кога вози со вклучен адаптивен темпомат. Со новата надградба ќе биде подобрено и процесирањето на сликите од мултифункционалната камера. Отсега, ќе биде подобрена и прецизноста на динамичкиот светлосен сноп во темница.
Внимание е посветено и на корисничкиот интерфејс, односно на графичките елементи на централниот инфотејнмент дисплеј, кои сега се подобрени, појасни и интуитивни.
Сепак, надградбите малку ќе се разликуваат од оние на кои сме навикнати да ги правиме на нашите мобилни телефони. Податоците се праќаат директно до централниот компјутер (In Car Application Server, ICAS) исклучиво преку мобилна врска на Volkswagen. Значи, нема потреба од поврзување со безжична интернет врска од страна на сопственикот на автомобилот.
Симнувањето на податоците преку оваа врска се одвива непречено во позадина. Но, инсталацијата може да се направи само тогаш кога никој не е присутен во автомобилот, кој воедно мора да биде заклучен. За да започне инсталацијата на софтверот мора да се изгасени светлата на автомобилот и батеријата да е барем 50% полна. Тековниот софтвер ID.Software 2.3 “тежи” околу 6.5GB, а целата процедура трае неколку часа.
Ваквите надградби ќе бидат овозможени и за сопствениците во нашата земја. Неодамна во врска со темата добивме потврда од страна на претставништвото на Volkswagen:
“Надградбите ‘Over the Air’ веќе функционираат во Македонија за сите модели на Volkswagen со вградени единици за онлајн поврзување. Истото се планира и за ID.4. Преносот на податоците за овие надградби се одвива преку интернет врска обезбедена и платена од Volkswagen, т.е. е бесплатна за корисниците. Единствено е потребно корисникот да ја потврди надградбата откако ќе добие порака за достапна надградба на софтвер на екранот на инфо-забавниот систем на возилото. Надградбата се одвива во позадина и автоматски, а корисникот може непречено да го употребува возилото, вклучително и да го деактивира и да го напушти”. – завршуваат претставниците на Volkswagen.