Kултурата на работното место треба да биде серија намерни размисли, одлуки и дејства што и` овозможуваат на организацијата, односно на вработените и на целокупното деловно работење, да расте и да се развива
Поминуваме многу време на работа, така што има смисла сопствениците на бизниси, лидерите и професионалците во доменот на човечките ресурси да бидат загрижени за нивната работна средина и како вработените ги перципираат нивните организации. Но, голем број од истите овие лидери мислат дека културата на работното место самата се грижи за себе, смета Аманда Хадавеј, консултант во областа на човечките ресурси и корпоративен обучувач со специјализација во спроведување истраги на работните места, решавање комплексни проблеми поврзани со односите меѓу вработените и раководење со интерактивни обучувачки сесии.
Во продолжение се девет постулати што се важни за создавање стимулативна и охрабрувачка култура на работното место што ќе ви овозможат да бидете сигурни дека се движете во вистинската насока.
Вашите МВЦ
МВЦ подразбира мисија, визија и цел. Ова е вашето зошто. Тоа е лепакот што ја консолидира организацијата и ја води во иднината. Како лидер, вашите МВЦ навистина стануваат вашата највредна молитва. Имањето солидни МВЦ може да им помогне на вработените да се справат со несигурноста и да ги инспирира да и` бидат посветени на организацијата.
Вредности
Вредностите се вашите водечки референтни точки што се користат кога ги насочувате лидерите и вработените да носат најдобри одлуки за организацијата. Мојата прва работа по завршувањето факултет беше во компанија која цени искреност и услуга. Лидерите даваа личен пример со овие карактеристики, и ги филтрираа низ сите нивоа на организацијата. Овие вредности беа дел од самата материја на компанијата, и беа дел од состаноците, логото и корпоративните комуникации. Како резултат на тоа, вработените беа ангажирани и горди што се дел од нешто поголемо од самите нив. Кога вредностите јасно се артикулираат, вработените имаат јасни очекувања и практично знаење да дејствуваат во име на најдобриот интерес на организацијата.
Традиции и пракси
Вашата компанија најверојатно има одреден начин на кој ги завршува работите: како вработените комуницираат со други, стандардните оперативни процедури и организациската структура се некои од нормите што се специфични за една компанија. Сите овие практики ја создаваат традицијата на компанијата, и негувањето на овие навики ќе ја направи средината на вашето работно место единствена.
Фактор-Икс
Некои компании луѓето ги сметаат за амбициозни и инспиративни култури на работното место. Не е лоша идеја да се позајмат некои од принципите на добрата работа на овие организации и да ги имплементирате во вашата сопствена компаниска култура, но исто така треба да дефинирате што е тоа што вас ве прави посебни. Зошто луѓето сакаат да работат во вашата компанија? Зошто овие луѓе не ја менуваат работата откако ќе бидат вработени кај вас?
Процесот на регрутација
Вашиот успех како компанија зависи од тоа кого ангажирате, но ангажирањето одлични кандидати всушност почнува пред интервјуата. Додека регрутацијата содржи компонента на маркетинг и продажба, важно е да бидете транспарентни за тоа што точно подразбира конкретната позиција. Внимателно размислете за целокупното искуство на вработениот – некои компании дури даваат можност потенцијалниот вработен да присуствува на еден или неколку работни дена во компанијата за да сфати што точно опфаќа позицијата за која аплицира. Во моментов, постои исто така тренд на вклучување информации за компензацијата за тоа одредено работно место за да не се поставуваат прашања во врска со платата на почетокот на процесот на регрутација.
Исто така, потребно е да посветите внимание на разликата помеѓу „оглас во врска со компаниската култура“ и „совпаѓање со компаниската култура“. Првото значи дека лицето ја зголемува разновидноста на тимот со неговото единствено искуство, позадина, работна историја и уникатност во начинот на размислување. Тим од еднолични вработени нема да ви помогне да ги постигнете големите цели.
Ангажман
Ангажманот на вработените подразбира цела палета различни значења, но јас претпочитам да поставам едноставно прашање: „Што е тоа што ги тера нашите вработени да станат од кревет наутро?“ Ако разбирате што ги мотивира вашите вработени, тогаш најверојатно ќе успеете да ги натерате да не го променат работното место и да работат ефективно во рамките на нивната позиција. Организациите со повисоко ниво на ангажман исто така покажуваат повисоки нивоа на задршка на вработените.
Раст и развој
Развојот на вработените почнува со ориентација и обука на нововработените лица, но не би требало да застане таму. Со цел постојано да ја подобрувате вашата култура, организацијата би требало да обезбедува можности за обуки и тренинзи преку кои менаџерите ќе научат како да ги водат нивните тимови и на кои дознаваат можности за кои треба да ги подготват вработените за иднината. Настаните поврзани со тренинзи и обуки би требало да вклучуваат содржина што ја засилува култура, МВЦ и вредностите.
Ефикасност и повратни информации
Еден од најдобрите начини да се осигура редовна комуникација меѓу менаџерите и вработените е воведување на практиката на одржување редовни состаноци еден-на-еден. Комуникацијата не мора секогаш да се случува органски, така што лидерството треба да се осигура дека менаџерите и вработените имаат време што треба да го посветат на овие важни разговори.
Добросостојба на работното место
Ако не се грижите за вашите луѓе, тие нема да останат да работат кај вас. Би требало да размислите како вработените се наградувани и препознаени, дали постои рамнотежа помеѓу нивниот приватен и професионален живот, и структурата на организациската компензација и бенефити. Лидерите би требало да бидат мотивирани со она што можат лично да го направат за да создадат одлично место за работа.
Откако вашиот тим ќе ја добие можноста да ги прегледа и анализира деветте области, тогаш сте подготвени да направите план за преземање потребни активности и фазата на поставување цели. Кога ќе ги подредите вашите цели со културните постулати, бидете проактивни и редовно комуницирајте ги со вработените. Негувањето компаниска култура е жив процес што се случува на конзистентна основа, така што не плашете се да правите поправки и ревизии во од.
Извор: womeninadria.mk