Главните производители на гуми за џвакање ќе финансираат милиони фунти во кампања за чистење на улиците во Велика Британија и одвраќање на граѓаните од фрлање ѓубре на улиците.
Со оглед на тоа што активистите проценуваат дека скоро 9 од 10 улици во Британија се натрупани со фрлени мастики, трошоците за нивно чистење достигаат до најмалку 7 милиони фунти годишно.
Владата соопшти дека неколку познати фирми, меѓу кои и „Вригли“, „Глаксо Смит Клајн“ и „Перфети Ван Меле“, се вклучиле во посебна работна група за мастики и ќе инвестираат до 10 милиони фунти во следните пет години со цел да го намалат отпадот од гумите за џвакање.
„Остатоците од фрлените мастики претставуваат штета за нашата заедница, со што се загадуваат нашите улици и се губат милиони фунти од даночните обврзници“, изјави британската пратеничка и потсекретар во Министерството за животна средина, Ребека Пау.
Работната група за мастики е дел од новата стратегија на британската влада за унапредување и обнова на главните градски булевари низ целата земја. Стратегијата вклучува 335 милиони фунти за финансирање на проекти за обнова на локалните заедници, трансформација на напуштени згради и Фонд за заедничка сопственост.
Но, активистите од организацијата „Пријатели на Земјата“ го критикуваат законот како „полн со исклучоци и дупки“, посочувајќи на недостатокот за прецизни цели поврзани со загадувањето од пластика и други проблеми со отпадот.
Фрлањето ѓубре на улиците во Велика Британија се казнува од 150 фунти, па сè до 2.500 фунти доколку за тоа се одвива судски процес.
Извор: radiomof.mk