Околу 50 лица ќе бидат вработени во новата фабрика за производство на медицински канабис, масло и други производи од канабис што наскоро ќе почне со работа во Вевчани.
Производствениот процес, како што информира градоначалникот Сашо Јанкоски, треба да почне во октомври идната година, а за неполн месец ќе почне постапката за вработување. Тој информира дека имал средба со сопственикот на компанијата „Флауер Пауер“ Матео ван дер Борн од Холандија, на која биле прецизирани условите за отпочнување на инвестицијата
– Со сопственикот на компанијата ги прецизиравме условите што Општината треба да ги обезбеди за отпочнување на инвестицискиот процес, а за возврат за вработување предност да имаат лицата од Вевчани. За 20-тина дена треба да почнат првите вработувања и поставување на опремата, која како што најави сопствениот, ќе биде со вредност од околу пет-шест милиони евра.
Фабриката за производство на медицински канабис, масло и други производиод канабис ќе биде сместена во веќе постоечки објект на влезот од Вевчани, за што бил склучен договор со сопственикот.
– За нас како општина Вевчани, посебно е задоволството што се отвараат 50- тина нови добро платени работни места, со што ќе се реши егзистенцијата на исто толкав број вевчанци. Нашите заложби за привлекување инвеститори, отварање нови работни места, како и подобар живот за граѓаните се континуирани, нагласи градоначалникот.
Извор: slobodenpecat.mk