Во светот поради пандемијата изгубени се повеќе од 200 милиони работни места, а уште 100 милиони работници, помеѓу кои жените се мнозинство, се во ризик да се придружат на големиот број невработени, објавил синдикатот „Независност“ повикувајќи се на податоците на Меѓународната конфедерација на синдикати – ИТУК.
Во соопштението по повод Светскиот ден на достоинствена работа, нагласено е дека Владите мораат да имаат еден приоритет – а тоа се работните места.
„Мораат повторно да се посветат на целосна вработеност, бидејќи тоа е основа за економска сигурност и социјална правда. Глобалниот пазар на труд е во лоша состојба. Владите не го регулирале трудот и ја изгубиле од вид целта за целосна вработеност. Трудот е уште повеќе несигурен од пред пандемијата, а тоа бара промена на правилата за да луѓето бидат заштитени од се поголемата експлоатација и се поголемата несигурност“, изјавила Шаран Бароу, Генерален секретар на ИТУК.
Меѓународната конфедерација на синдикати бара до 2030 година да се отворат 575 милиони работни места, односно да се легализираат најмалку половина неформални професии.
И меѓународната организација на трудот – МОТ предупредува дека поради пандемијата сериозно е намалена невработеноста во светот.
Истакнува дека особено биле погодени младите помеѓу 15 и 24 години, на кои не им било лесно ниту пред пандемијата и се додава дека невработеноста во таа старосна група е натпросечно висока, дека многу од нив работат за бедни надоместоци, без договори и здравствена заштита.
„Младите луѓе ќе бидат погодени најтешко од сите. Истражувањата покажуваат дека кај луѓето кои на почетокот од својот професионален живот не можат долго да работат, тоа им предизвикува последици кои често траат со децени. Тие тоа повеќе никогаш не го надоместуваат, никогаш повеќе не наоѓаат нормално професионално усовршување. Поради тоа сега постои опасност од локдаун генерација“, изјавил генералниот директор на МОТ Гај Рајдер.